• среда, 27 ноември 2024

Годишна конференција на МАСИТ - дигиталната индустрија незапирливо расте, нејзината трансформација не познава конечна дестинација

Годишна конференција на МАСИТ - дигиталната индустрија незапирливо расте, нејзината трансформација не познава конечна дестинација

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) -  Најиновативната дигитална индустрија незапирливо расте, нејзината трансформација не познава конечна дестинација. Дигиталната економија учествува со околу 15 проценти во глобалниот БДП, а до 2030 година се очекува да се зголеми на 30 отсто, притоа создавајќи околу 30 милиони работни места.

Ова беше порачано на годишната конференција на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ на тема „Градење мостови: кон нашата заедничка дигитална иднина“.

Претседателот Стево Пендаровски, на отворањето на конференцијата рече дека стратешка алатка на напредните економии е развојот во информатичките технологии. Според Светскиот економски форум, рече Пендаровски, 70 отсто од новата вредност, која на глобално ниво ќе се создава во наредната деценија, ќе се темели на дигиталните бизниси. Претседателот додаде дека дигитално трансформираните компании ќе создаваат половина од светскиот БДП, и како што рече, добивките од вештачката интелегенција ќе достигнат 16,3 милиони до 2030 година.

-Дигиталниот јаз во светот се проширува. Најголемиот ризик за било која економија и држава е да остане на страната на застарената технологија и да биде третирана како подрачје за регрутација на евтина работна сила и низок квалитет на животот. Прашањето со кое се соочуваме е на која страна од дигиталниот јаз ќе се најдеме ние како општество и држава? Дали како пасивни консументи на новите дигитални производи или како активни креатори кои со своите програмски решенија ќе се натпреваруваат на глобалниот дигитален пазар?, рече Пендаровски.

Претседателот додаде дека одговорот на ова прашање, најмногу од сѐ, зависи од демографијата. Тој во своето обраќање го посочи иселувањето на младите како клучен предизвик со кој се соочува земјава, како што рече, и покрај релативно високите плати за наши услови многу млади си заминуваат.

-Светскиот извештај за миграција од 2020 година ја рангира земјава на 20-тото место според ставката на миграција. Според најновите проекции до 2050 година Северна Македонија ќе изгуби околу 10,9 отсто од својата популација. Најголемата пречка за креирање на успешна дигитална иднина е ако останеме без дигитална трансформација. Прашањето не е дали младите ќе ја остварат својата иднина, туку дали тоа ќе го направат тука или како дигитални номади во некоја друга поразвиена држава. Од тука, клучниот предизвик со кој се соочуваме е како да ја задржиме тука младата генерација, посочи Пендаровски.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, во своето обраќање истакна дека според податоците на Светска банка дигиталната економија учествува со околу 15 проценти во глобалниот БДП и дека се очекува овој процент во 2030 година да се зголеми на 30 проценти од глобалниот БДП, притоа создавајќи околу 30 милиони работни места. Битиќи вели оваа скица за иднината не е далечна за нашата економија. 

-Ако во 2019 година имавме 2198 компании од ИКТ секторот кои направиле нето извоз во вредност 210 милиони евра, притоа вработувајќи околу 15.000 граѓани на Северна Македонија и исплатувајќи месечна бруто плата од речиси 1.500 евра, минатата 2022 година овие бројки се зголемени. Имаме 2846 компании, со речиси 20.000 вработени лица, кои имаат генерирано 467,86 милиони евра нето извоз, што е повеќе од двојно зголемување за четири години. Она што е можеби и најважно, вработените во овој сектор минатата година имале просечно бруто плата од 2.260 евра, рече Битиќи.

На отворањето на конференцијата се обратија и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, како и претседателката на Собранието на МАСИТ, Анета Антова Пешева. ра/аа/

Фото: Кабинет на претседателот на Република Северна Македонија и Влада

Остани поврзан