• четврток, 07 ноември 2024

Годишен раст на приходот од висока технологија во ЕУ од над 10 отсто

Годишен раст на приходот од висока технологија во ЕУ од над 10 отсто

Брисел, 25 септември 2023 (МИА) – Приходите од продажба на високотехнолошки производи во ЕУ во 2022 година достигнаа 355 милијарди евра, што претставува раст од 10,2 отсто во споредба со претходната година, кога заработката во овој сектор изнесуваше 322 милијарди евра, соопшти Европската статистичка служба – Евростат. 

Според податоците на Евростат, во периодот од 2012 до 2022 година просечниот годишен раст на продажба на високотехнолошки производи во ЕУ изнесувал 2,6 проценти.  

Речиси 70 проценти од приходите од продажбата на висока технологија во ЕУ отпаѓа на само три гранки -  електроника и телекомуникации, чие учество во вкупната заработка е 26,2 отсто, фармација со учество од 22,2 проценти и научно-истражувачки инструменти со 20,6 отсто. Останатите категории, меѓу кои и компјутери и канцелариски машини, хемија, електрични машини и оружје, учествуваат со по помалку од пет проценти во вкупниот приход. 

Иако оружјето има најмало процентуално учество во приходите од високотехнолошки производи, сепак бележи најголем раст на годишно ниво во изминатата деценија во просек од 7,0 проценти, по што следуваат научно-истражувачките инструменти и фармацијата со просечен годишен раст од по 4,4 проценти во периодот 2012-2022 година. 

Од друга страна, неелектричните машини и компјутерите и канцелариските машини се единствените сектори кои забележаа намалување на продажбата во изминатата деценија од 0,7, односно 1,8 отсто. Сепак, овие два сектори лани забележаа значителен раст во споредба со 2021 година и тоа неелектричните машини од 16,1, а компјутерите и канцелариските машини од 13,6 проценти. сп/јт/

Фото: МИА Архива/Евростат

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан