• петок, 23 август 2024

Германија нареди засилена безбедност на воените касарни и бази

Германија нареди засилена безбедност на воените касарни и бази

Берлин, 21 август 2024 (МИА) - Германската војска ги зголеми безбедносните мерки околу своите касарни во земјата како одговор на извештаите за можни натрапници, јави ДПА.

Портпаролката на Територијалната команда изјави за ДПА дека Бундесверот „брзо и сеопфатно реагираше низ цела Германија на инцидентите од изминатата недела со зголемени проверки, зголемени патроли, инспекции на системи за оградување и технички безбедносни мерки, затворање на некои области и со ажурирани безбедносни упатства и мерки за подигање на свеста“. Таа рече дека мерките ќе бидат приспособени на конкретната безбедносна ситуација.

Касарните на Бундесверот добиле инструкции внимателно да ги проверат надворешните огради на сите објекти за потенцијални дупки, а исто така им било кажано да ги зголемат патролите, особено ноќе. Полицајците им наредиле на војниците да внимаваат на неовластени лица во безбедносните области и веднаш да ги пријават сите сомнителни случаи.

Портпаролката на Територијалната команда, исто така, потврди дека двајца мажи се искачиле преку оградата на германската поморска база во пристанишниот град Вилхелмсхавен во Северното Море на 14 август.

Откако лицата биле откриени од стражар, тие биле предадени на полицијата, рече таа. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан