• сабота, 23 ноември 2024

Гаши за МИА: Идниот мандатар мора најпрво да разговара со нас 

Гаши за МИА: Идниот мандатар мора најпрво да разговара со нас 

Скопје, 27 април 2024 (МИА) - Идниот мандатар мора најпрво да разговора со нас, за државата е најдобро во новата влада да има и претставник на Албанците, а ќе направиме се да се убедиме заедно со идниот партнер да влеземе во процес на уставни измени, вели во интервју за МИА Африм Гаши, претседател на политичката партија Алтернатива и носител на кандидатската листа на коалицијата „Вреди“ во Втората изборна единица за претстојните парламентарни избори. 

Во коментар на резултатите од првиот изборен круг од претседателските избори според кои нивниот кандидат Арбен Таравари освои 83.393 или 9,20 отсто, а во Гостивар 75 гласови повеќе од Бујар Османи од Европскиот фронт на владејачката ДУИ, кој, пак, освои 121.088 гласови или 13,37 отсто, вели дека Албанците долго време немаат култура за поголемо излегување на претседателски избори.

Гаши објаснува дека има голема разлика во културата за гласање на претседателски, локални и на парламентарни избори, а како пример го наведува случајот со различниот број на гласови што ги доби Имер Селмани во 2009 година како претседателски кандидат и како лидер на партија на тогашните двојни претседателски и локални избори. 

-Ќе ви дадам најпластичен пример од 2009 година кога истовремено имаше претседателски и локални избори, на истиот ден Имер Селмани, кој беше претседателски кандидат истовремено беше и претседател на Нова демократија. Како претседателски кандидат на тој ден на изборите освои 150 000 гласа, а како партија околу 50 000 гласа. Различно гласаат луѓето за разни избори. Вториот аргумент е тоа што затоа што не е веројатно дека Албанец ќе стане претседател во непосредни избори. Албанците долго време немаат култура на поголемо излегување на претседателски избори. Многу е битно дека на парламентарни избори кога ќе има поголема излезеност ќе се покаже таа волја. Додека сите гласачи на ДУИ кои тие ги контролираат клиентелистички, најголемиот број ги поткупуваат, или им се закануваат,  нашите гласачи по своја волја или излегуваат или не излегуваат на гласање. Нашата перцепција е дека на 8 мај ќе биде поголема излезеноста и ќе видите дека ќе има голема разлика и во Тетово и во Гостивар, Чаир и во сите градови, вели Гаши.

И тој ја демантира информацијата за средба на Таравари со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Таквата објава излегла, како што вели, затоа што максимата на Ахмети била раздели и владеј, но и за да создаде недоверба меѓу коалициските партнери.

-Нашата доверба помеѓу сите коалициски партнери  е многу голема, господинот Таравари немаше никаква средба ниту со него, ниту со некој друг од ДУИ, немаше никаква понуда, така што тоа е тотално лажно. Навистина е срамно како еден многу сериозен медиум од Албанија и една таква политичка партија која сака да го добие уште еднаш гласот на Албанците на таков  начин манипулира со граѓаните. Тотална лага е тоа што беше изнесено во јавноста, посочува Гаши, во врска со објавата на албанската „Топ Ченел“, во која беше наведено дека вечерта на 24 април Таравари тајно се сретнал и добил понуда од Ахмети.

Според него,  главните столбови од изборната програма на „Вреди“ се базираат на најголемите потреби на граѓаните. За првиот приоритет – европската интеграција подвлекува дека ќе направат се „да се убедиме заедно со идниот партнер да влеземе во процес на уставни измени“.

-Нашиот прв приоритет секако ќе биде европската интеграција, ќе направиме се да се убедиме заедно со идниот наш партнер да влеземе во процес на уставни измени. Ќе разговараме со  меѓународниот фактор, ќе направиме се да влеземе во  процес во кој ќе ги отпочнеме и практично поглавјата за да ги затвориме што побргу и Македонија да стане член на ЕУ. Тоа  е наш прв приоритет, посочува Гаши. 

Како што појаснува, станува збор за многу сложен процес, во кој се согласува да се настапи заедно за одбраната на јазичниот и културниот идентитет на Македонците и за притисок врз Бугарија. 

-Тоа е многу сложен процес. Во вакви сложени процеси каде имате соседна држава, ЕУ со сите држави, Содинетите Американски Држави треба да имате пред се подготвеност за главните приоритети што сакате да ги одбраните. Треба да ги знаете целите на државата. Сакаме да бидеме дел од Европа. Тоа е првиот критериум. Вториот  критериум,  ако е одбраната на јазилчниот и културниот идентитет на Македонците, тука сме сложни дека во овој дел можеме заедно да настапиме. Од друга страна, ќе видиме  што можеме заедно да направиме како притисок врз Бугарија, да ги убедиме меѓународните фактори, да разговараме со нив. Очекуваме нова политичка клима и во Бугарија. Политиката е тежок процес, треба преговарање, треба компромиси и ако имате волја и ако сакате тој процес да го терате ќе треба на тој начин да вложите се што имате како политички капитал. Мислам дека сите заедно во државата, најголемиот број  политичките партии, се сложни околу нашата стратешка ориентација дека сакаме  да бидеме дел од ЕУ и ќе треба во тој процес да одиме заедно, вели Гаши.

Со реформскиот концепт во економијата како втор столб од програмата ветува зголемување на минималната плата за четири години на износ од најмалку 800 евра, намалување на цените, деловна клима за инвестиции, привлекување на дијаспората да инвестира во државава. 

Го истакнува третиот столб - борбата против криминалот и корупцијата, како неопходен зашто според него неказнивоста во државава веќе станала феномен. Во тој контекст потсетува на предлогот на Алтернатива кога беше дел од Владата, а со кој се предвидуваше со уставен амандман политичката корупција да не застарува како кривично дело. Ќе се залагаат и за нов концепт на образование, со зголемување на квалитетот на знаење на учениците, со целосно подобрување на образовен систем, во согласност со потребите на модерното време. Нивни клучни столбови се и здравството, социјалните проблеми, децентрализацијата. 

Гаши смета дека нивните гласачи имаат висок степен на политичка култура и свест и затоа не можат да им влијаат за кого да ја дадат поддршката во вториот круг од претседателските избори. Нашите гласачи, посочува, се свесни, нема да им кажуваме што да прават, тие точно знаат што треба да направат и јас сум убеден дека ќе направат тоа што е најдобро за нив и за државата. 

Очекувањата од парламентарните избори ги темели на обединувањето во албанскиот блок, добрата програма, човечките ресурси на листите, како и тоа дека, како што вели, граѓаните веќе знаат што ги очекува ако го изберат нашиот противкандидат. -Единствено може да очекуваат подобрување и промена ако не гласаат нас. Јас сум убеден дека граѓаните овојпат ќе се одлучат за промени и бидете  убедени дека на 8 мај тоа ќе се случи, вели Гаши. 

Во однос на тоа дали се гледаат како иден коалициски партнер на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој исто така вели дека е уверен во победа, лидерот на Алтернатива посочува дека со резултатите од претседателските избори се навестува како може да изгледа идната влада.

Според Гаши, „Вреди“ е единствениот легитимен претставник на Албанците, идниот мандатар мора првин да разговора со нив, а за државата е најдобро во новата влада да има и претставник на Албанците. Најавува и дека за постизборно коалицирање ќе инсистираат најголемиот процент од ветувањата во програмата со кои бараат поддршка од гласачите да станат дел од заедничката владина програма. 

 

Не би сакал да прејудицирам ништо во овој процес, но веќе некои резултати од претседателските избори навестуваат како може да изгледа идната влада. Прво, нам ни е многу битно да добиеме  што повеќе гласови кај Албанците. Второ што е битно е што ние како коалиција сме единствени кои имаат легитимитет да  ги претставуваат Албанците. За жал, ДУИ го напушти овој концепт, тие имаат коалиција со други осум- девет политички партии со другите етнички заедници, тоа е сосема во ред, но тоа е веќе битно во делот што го прават со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие така и настапија, рекоа дека не се во битка со нас, туку со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ, ќе видите дека ќе изгубат од нив, ќе видиме каков ќе биде резултатот. Но, што се однесува до правење нова влада, од 90-та година немало влада без Албанците или легитимни претставници на Албанците. Затоа идната влада или идниот мандатар мора првенствено да разговара со нашата коалиција, а ако ние не прифатиме тогаш доаѓаат во предвид бројките, демократијата, 61 пратеник, но пред непишаното правило - навистина и заради стабилноста на државата и заради се, добро е во владата да има освен еден главен македонски политички субјект и во албанскиот дел да има партија која ќе ги претставува Албанците, вели Гаши. 

Отфрла можност за коалиција со Левица, а прифатливо е коалицирање со ЗНАМ со кои ја истакнува успешната соработка во локалната власт во Куманово.

-Левица во овој момент не доаѓа предвид  додека тие имаат такви различни ставови за многу  битни прашања, како што е стратешката ориентација на државата, во однос на Албанците и ориентацијата на Албанците итн. Екстремната Левица, а често имаат екстремно десни ставови, значи во овој момент Левица не претставува субјект со кој можеме да разговараме и да соработуваме, додека со партијата на Максим Димитриевски не е проблем да соработуваме. Впрочем ние како Алтернатива и Алијанса за Албанците во Куманово сме во локалната власт со господинот Димитриевски и сме задоволни од соработката што ја имаме во Куманово, истакнува претседателот на Алтернатива.  

Се осврнува и на поддршката од косовско Самоопределување, кое, како што вели се случило, поради тоа што Албанците во државава кои имале симпатија кон Самоопределување сакале да бидат дел од коалиција „Вреди“ заради промени во албанскиот дел. 

-Самоопределување во Македонија е повеќе автентично отколку што мислам дека се креираше перцепција дека е вмешување однадвор. Ги знаете нашите релации со Албанците од Косово, сме живееле во  иста држава долго време, семејни врски итн,. Еден дел од Албанците во Македонија политички се определени и имаат симпатија кон Самоопределување. Затоа што се повеќето опозициски настроени, сакаат да бидат дел од нашата коалиција за промени во албанскиот дел, така што немаше некакво очекување од Самоопределување наспроти нас. Тие гласови или тие Албанци во Македонија кои имаат симпатии кон Самоопрределување се со нас, нашите очекувања се целосно исполнети, задоволни сме со тоа што ни се приклучија во овој многу битен обединувачки процес за политичка ротација во албанскиот блок, вели Гаши. 

Според него, изборната кампања навидум изгледа добро, но, како што потенцира, ако навлезете само малку подлабоко ќе видите дека тоа што ДУИ го прави не е во согласност со елементарните принципи на демократија и на изборите. 

Најголемиот број на гласачите кои тие ги носат, наведува Гаши, „се со принуда, со купување, направени преку нивните коруптивни зделки, преку казината, преку купување на трговски центри, проекти како што е Коридорот 8, преку изнудување проценти со кои купуваат гласачи“.

-Им се закануваат, ги принудуваат на излегување на избори, што воопшто не е во согласност со демократските принципи. Но, граѓаните се исплашени и не знаат каде и како да пријават. Имавме еден пример во Куманово на 24 април кога е виден активист на ДУИ како купува гласачи, пријавен е во полиција, а полицијата доаѓа кај пријавувачот и бара да го  приведат за лажно  пријавување. Замислете во каква ситуација се денес Албанците, забалежува Гаши. 

Очекува, како што истакна, ДУИ да продолжат „во овој дух во борба за секој глас“. - Сега веќе имаат јасна слика кој гласал за нас и ќе направат се тие наши гласачи да ги поткупат, да им се заканат, да направат се да го намалат бројот на нашите гласачи, но ќе видите дека тоа нема да се исплати. Убеден сум и ги повикувам сите органи во државава и Обвинителството и полицијата овој пат да креираат навистина услови на фер избори. Никој нема право на таков начин да го злоупотреби државниот апарат на сметка на некоја политичка партија за да има повеќе гласови, вели претседателот на Алтернатива, Африм Гаши. 

Во продолжение видеоинтервјуто во целост: 

Лидија Велковска 

Фото: МИА

Видео и монтажа: Андреј Бранковиќ и Владимир Рабасовиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан