• петок, 08 ноември 2024

Галант: Израел не сака војна со Хезболах, но израелската армија е подготвена за таков конфликт

Галант: Израел не сака војна со Хезболах, но израелската армија е подготвена за таков конфликт

Ерусалим, 29 јуни 2024 (МИА) - Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека неговата земја не сака војна со либанското шиитско движење Хезболах, поддржано од Иран, додавајќи дека израелската армија е подготвена за можен таков конфликт, јави ДПА.

„Работиме на политичко решение. Тоа е секогаш подобрата варијанта“, рече министерот за време на посетата на израелските воени единици во близина на северната граница на Израел со Либан, објавија израелските медиуми.

„Ние не бараме војна, но подготвени сме за тоа. Ако Хезболах избере војна, знаеме што да правиме. Ако тие изберат мир, ние ќе одговориме соодветно“, додаде Галант.

Од почетокот на војната во Појасот Газа, секојдневно има прекугранични престрелки меѓу израелската армија и Хезболах. Вчера проиранското движење истрела 25 гранати и три беспилотни летала врз Израел, соопшти израелската армија. Нема повредени луѓе, но предизвикани се шумски пожари.

Неодамна размената на оган е засилена и неколку земји ги повикаа своите граѓани да го напуштат Либан. како што јавуваат странските агенции, постојат стравувања дека можната отворена војна меѓу Израел и Либан би можела да ескалира во голем регионален конфликт во кој ќе бидат вклучени и Иран и САД. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан