Вучиќ очекува од Калас повторно да го отвори прашањето за неговиот престој во Москва на 9 мај
- Српскиот претседател по повод претстојната посета на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, на Белград, изјави дека е сигурен оти таа ќе го повтори прашањето за неговото заминување во Москва на 9 мај. Каја Калас денеска ја почнува тридневната посета на Западен Балкан, во која ќе престојува во Белград, Приштина и во Скопје.

Белград, 21 мај 2025 (МИА) - Српскиот претседател по повод претстојната посета на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, на Белград, изјави дека е сигурен оти таа ќе го повтори прашањето за неговото заминување во Москва на 9 мај.
Каја Калас денеска ја почнува тридневната посета на Западен Балкан, во која ќе престојува во Белград, Приштина и во Скопје.
„Таа беше единствената во Тирана која јавно го осуди моето заминување во Москва. Имав отворен разговор со неа. Ја објаснив позицијата на Србија искрено, јасно, недвосмислено. Ниту се криев, ниту трчав по ходници. Сигурен сум дека ќе го повтори прашањето, дека ќе инсистира на тоа. Нема да се кријам под маса, да бидам целосно искрен, ниту ќе бегам од тоа“, изјави Александар Вучиќ за белградски медиуми.
Во Белград, Калас ќе се сретне со претставници на властите, опозицијата, како и со студенти и граѓанско општество, додека в четврток ќе одржи сама прес-конференција.
Кога таа ги посети Подгорица, Тирана и Сараево во април, немаше сама прес-конференции или средби со опозицијата. Потоа беа одржани заеднички обраќања пред медиумите со премиерите на Црна Гора и на Албанија, додека во Сараево таа имаше заедничка конференција со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина.
Вучиќ додаде дека постои и друга агенда која, како што рече, се однесува на оние кои блокираат и опозицијата.
„За мене е важно што Ана Брнабиќ презентира, не сум експерт за ова прашање, но мислам дека е исклучително важно да ги исполниме работите што ги ветивме, а кои се однесуваат на три медиумски закони, РЕМ и изборни услови, односно препораките на ОДИХР и промените во изборниот закон. Го ветивме тоа и мора да го спроведеме“, рече Вучиќ.
Во Србија, Калас ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот Ѓуро Мацут, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, министерот за евроинтеграции Немања Старовиќ и претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ.
Средбата на Каја Калас со парламентарната опозиција во Парламентот е закажана за утре во 10:00 часот, додека нејзината самостојна прес-конференција е закажана за 13:15 часот. Најавени се и средби со студенти и претставници на граѓанското општество.
За време на неговата посета на Западен Балкан минатата недела, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се сретна и со опозицијата во Србија, додека во другите земји имаше средби само со владини претставници. зш/