Хунтата во Мали притвори неколку лица за наводен обид за државен удар
- Преодната воена влада во Мали вчера соопшти дека привела неколку лица по наводниот обид за државен удар, вклучувајќи и еден француски државјанин.
Дуала, Камерун, 15 август 2025 (МИА) - Преодната воена влада во Мали вчера соопшти дека привела неколку лица по наводниот обид за државен удар, вклучувајќи и еден француски државјанин.
Во соопштение прочитано на државната телевизија, министерот за безбедност, генерал Дауд Али Мохамедин, рече дека група воени лица и цивили, со поддршка од странство, се обиделе да ја дестабилизираат земјата. Апсењата се случија во последните денови, според Мохамедин.
Меѓу приведените се бригадниот генерал Абас Дембеле, поранешниот гувернер на регионот Мопти, бригаден генерал Нема Сагара, и неколку офицери и подофицери на вооружените сили. Хунтата вели дека францускиот државјанин дејствувал во име на француската тајна служба.
Француското Министерство за надворешни работи не коментираше веднаш за наводното апсење или обвинувањето за странско мешање.
Мали доживеа државни удари во 2020 и 2021 година. Западноафриканската земја оттогаш е управувана од преодниот претседател Асими Гоита.
Изборите првично ветени за минатата година никогаш не се одржаа. Во јули, хунтата го продолжи преодниот период за уште пет години, дозволувајќи му на Гоита да остане на власт барем до 2030 година.
Односите со поранешната колонијална сила Франција остануваат напнати, а антифранцуската реторика е често присутна во официјалните комуникации.
Во меѓувреме, Мали продолжува да се соочува со влошување на безбедносната ситуација, особено од џихадистичките групи што дејствуваат во регионот Сахел. мс/
фото: МИА архива