• понеделник, 16 декември 2024

Вработените во Уставниот суд на Грузија ја повикаа владата да го преиспита прекинот на преговорите со ЕУ

Вработените во Уставниот суд на Грузија ја повикаа владата да го преиспита прекинот на преговорите со ЕУ

Тбилиси, 29 ноември 2024 (МИА) – Група вработени во Уставниот суд на Грузија ја повикаа владата да ја преиспита одлуката за прекин на преговорите со Европската унија.

Во соопштението, потпишано од членови на Уставниот суд, се апелира одговорните лица да покажат посветеност на уставниот поредок на Грузија и да ја променат одлуката за одложување на преговорите за членство во ЕУ до 2028 година.

- Ги повикуваме властите да преземат соодветни чекори со цел да се запре изолацијата на Грузија од европската заедница и да се спречат негативните ефекти што произлегуваат од тоа, се вели во соопштението.

Грузија ги прекина преговорите за нејзиниот прием во Европската унија на четири години поради „уцени и манипулации од одредени европски политичари и бирократи“, изјави вчера премиерот Иракли Кобахиџе.

Тој го објави ова неколку часа откако членовите на неговата партија Грузиски сон го реизбраа за претседател на владата.

Кобахиџе рече дека неговата земја, иако сака да биде примена во Европската унија, „нема да се занимава со отворање на пристапните преговори до крајот на 2028 година“, а дотогаш ќе одбива и средства од буџетот на ЕУ.

Партијата Грузиски сон победи на изборите, чии резултати беа оспорени од опозицијата и кои доведоа до масовни протести и одлука на опозицијата да го бојкотира парламентот. јт/

Фото: Тбилиси илустрација

 

Остани поврзан