• вторник, 17 декември 2024

Во Штип Форум за млади во рамки на проектот „Направи разлика“

Во Штип Форум за млади во рамки на проектот „Направи разлика“

Штип, 10 септември 2024 (МИА) - Младите во Штип не се многу заинтересирани да се вклучат во процесите на донесување одлуките на локално ниво, а оние кои имаат желба, често не се запознаени со механизмите кои локалната заедница ги има за оваа цел. Ова е ставот на Јован Лонгуров кој е вклучен во проектот „Направи разлика“ во реализација на  Фондацијата за развој на локалната заедница (ФРЛЗ) од Штип. Тој е автор на иницијативата „Поврзување за подобра иднина“, која се реализира преку овој проект и целта му била Младинскиот совет да го презентира пред младите во Штип.

-Тоа е клучно тело, кое ги поврзува младите со општината. Затоа го реализирам и овој проект, со цел да има еден Отворен ден, а на којшто младите ќе можат да ги запознаат членовите на Младинскиот совет, која е неговата улога и нели преку интернет платформите, социјалните мрежи да можеме да ги поврземе со младите, вели Лонгуров.

Невенка Лонгурова-Гирова извршен директор на ФРЛЗ-Штип на денешниот Младински форум истакна дека  форумот има за цел да опфати поголем број млади, кои сакаат активно да се вклучат во креирањето на подобра иднина за сите и за нашите идни генерации.

-Фокусот е насочен кон создавање услови за ефективно учество во донесување и имплементирање на предлози и одлуки, решавање на тековни предизвици и проблеми, предлагање иницијативи и заедничка стратешка работа за успешно решавање и реализација. За едукација на младите за нивниот потенцијал како активни креатори во општеството, но и за нивно вмрежување формирана е таканаречена „Младинска банка“.

Таа истакна дека ова е втора година, како се реализира проектот, а почнува од иницијатива, па се до негова реализација. Лонгурова-Гирова додава дека оваа активност е во рамки на Проектот на УСАИД Направи разлика која го спроведува Фондацијата за развој на локалната заедница - Штип во партнерство со Ротари клуб Штип, финансиски поддржан од УСАИД, со цел да го подобри развојот на средината предводен од заедницата. вдј/аа/

Фото: МИА 

Остани поврзан