• сабота, 23 ноември 2024

Во Центарот за јавно здравје во Велес од утре почнува бесплатната вакцинација против сезонски грип

Во Центарот за јавно здравје во Велес од утре почнува бесплатната вакцинација против сезонски грип

Велес, 24 октомври 2023(МИА) - Во Центарот за јавно здравје во Велес од утре почнува бесплатната вакцинација против сезонски грип. Денеска во оваа здравствена установа пристигнаа 200 дози вакцини. Бесплатното вакцинирање ќе почне со 60 граѓани од Велес и велешко, кои се пријавиле на „Мој термин“.

- Пријавувањето за бесплатна вакцина против сезонски грип сè уште трае на страницата vakcinacija.mk, информира за МИА епидемиологот д-р Бојан Тодоровски од Центарот за јавно здравје во Велес.

Од Центарот попладнево добиле списоци со граѓани од Министерството за здравство, кои веќе добиле термини за вакцинација и кои од утре па сè до наредниот петок ќе се вакцинираат во работните денови од 8 до 13 часот.

Предност за добивање на термин за бесплатна вакцина имаат граѓаните кои припаѓаат на ризичните групи, како што се стари лица над 65 години, хронично болни, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.

Инаку, државата набави вкупно 60 илјади вакцини против сезонски грип.

- Вакцинирањето ќе се одвива на два пункта во зградата на ЈЗУ Центар за јавно здравје. Првиот е веднаш до влезната врата на оваа установа и ќе биде наменет за постарите лица и потешко подвижни, а вториот пункт на трети кат во истата зграда, информира д-р Тодоровски.

За оние граѓаните кои не сакаат да чекаат, доктор Тодоровски вели оти тие можат да примат комерцијална вакцина против сезонски грип, којашто се плаќа 700 денари,

Епидемиологот Тодоровски препорачува граѓаните, посебно тие од ризичните групи, да аплицираат за бесплатна вакцина. ад/ир


Фото: МИА архива

Остани поврзан