• понеделник, 23 декември 2024

Во општина Пустец само осум првачиња, во прва година гимназија 11 ученици

Во општина Пустец само осум првачиња, во прва година гимназија 11 ученици

Пустец, 10 септември 2024 (МИА) - Во новата  2024/2025 учебна година, што во Албанија почна вчера, за првпат во ученичка клупа, во општина Пустец седнаа само осум првачиња.

- Споредено со минатата учебна година имаме едно прваче помалку. Од осум колку што се оваа учебна година, три се во деветолетката во Пустец, останатите во другите населени места. Во основното образование имаме вкупно 97 ученици, изјави за МИА, Пали Колефски, градоначалник.

Посочи дека на првиот училиштен ден, традиционално бил со учениците во деветолетката во Пустец и на учениците им посакал среќен почеток и многу успех во совладувањето на наставните единици.

- На  учениците и на нивните наставници им посакувам добро здравје, среќа и успешен почеток и тек на наставно - образовниот процес во оваа учебна година. Посебни честитки до оние што првпат седнуваат во ученичка клупа. Годината да биде исполнета со другарство, радост и успех, посака Колефски.

Според него во гимназијата во Пустец во прва година запишани се 11 ученици или девет ученици повеќе споредено со минатата учебна година.

Општина Пустец се наоѓа во јужниот дел на областа Мала Преспа каде што на брегот на Преспанското Езеро се распослани девет села. Некогаш имало над 7 илјади жители, но поради миграцијата, бројот на постојаните жители од година во година е се помал.

Резултатите од пописот на населението во Албанија покажуваат дека општина Пустец, единствената македонска општина во земјата, е меѓу четирите општини со најголем пад на бројот на жителите.

Во периодот меѓу двата пописа, 2011-2023 година, бројот на населението во Пустец се намалил за 43 отсто, односно од околу 5 илјади на1887 жители. вт/дма/


Фото: Општина Пустец

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан