Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од Марина Убавкова
- Убавкова подвлече дека уметноста живее само кога се споделува. Таа појасни дека делата се дел од нејзината приказна за портрети.
Кавадарци, 23 октомври 2025 (МИА) - Изложба на дела од Марина Убавкова беше отворена синоќа во Музеј галеријата во Кавадарци. Убавкова подвлече дека уметноста живее само кога се споделува. Таа појасни дека делата се дел од нејзината приказна за портрети.

Во своето обраќање кон присутните, Зорица Ташовска Илова, историчар на уметност при Музејот, рече дека Убавкова, архитект по професија и академски сликар, постојано докажува оти уметноста е нејзиниот вистински животен пат и приоритет. Таа додаде дека во фокусот на сликарството на Убавкова е портретот, а уметницата не е заинтересирана само за физичката сличност, туку пред сѐ за проникнување во психологијата на ликот.

- Секој портрет е внимателно, честопати детално реалистично изработен, со силно нагласување на емоциите и симболиката, со цел да се фати не само ликот, туку и мигот на внатрешната состојба. Како што се гледа во портретите на Мајка Тереза, автопортретот и портретите на децата, истакна Ташовска Илова.
Притоа, нагласи дека детските портрети прикажани во сликите „Деа“ и „Вероника и мачето Софи“ носат силна симболика на чистотата и радоста на детската игра.
- Во нејзините дела, особено во композициите „Временски преклоп“ и „Саморефлексија“, таа комбинира академски прецизно цртање со приказни што го предизвикуваат гледачот, подвлече Ташовска Илова.
Таа појасни дека најчеста користена техника во уметноста на Убавкова е масло на платно. Боите се претопуваат една во друга за да постигнат нежни премини на светло и сенка, давајќи ѝ на кожата реалистичен, восочен изглед. Вешто го користи контрастот помеѓу светлите и темните делови за да постигне длабочина и волумен, особено видливо на брчките на Мајка Тереза и на телото на автопортретот.

- Преку своите слики, Марина Убавкова создава визуелна енциклопедија на човечката душа. Нејзините дела не се само уметност, тие се огледала и прозорци на душата, додаде Ташовска Илова. свд/дма/
Фото: МИА