• сабота, 13 декември 2025

Во музејот на Крива Паланка отворена изложбата „Голема грешка е да се убива во понеделник"

Во музејот на Крива Паланка отворена изложбата „Голема грешка е да се убива во понеделник

Крива Паланка, 21 август 2025 (МИА) - Изложбата на академскиот сликар Стефан Стевановиќ - Пепи од Србија „Голема грешка е да се убива во понеделник" од синоќа е поставена во уметничката галерија на ЛУ Градски музеј Крива Паланка.

Поставени се четиринаесет дела во голем формат, работени во техника масло на платно и масло на хартија, во некои сегменти, рече авторот, според кого уметничките дела никогаш не се конечни и можат и треба да се доработат или менуваат.

- Ова е моја десетта јубилејна изложба и чест ми е што во Крива Паланка ја поставувам премиерно токму на моето прво претставување пред македонската уметничка јавност и публика. Овие дела не би постоеле кога не би постоела музиката, се токму оваа изложба е своевидна уметничка рефлексија на музиката на моите пријатели, групата "Свети пси"( Света псета),рече Стевановиќ.

Стефан Стевановиќ e роден во 1994 година,  основни студии по сликарство завршил на Факултетот за уметности во Косовска Митровица, отсек сликарство, во класата на професорот Петар Ѓуза. Магистрирал сликарство во 2018 година на Факултетот за ликовни уметности во Белград, во класата на редовниот професор Радомир Кнежевиќ.

Учествувал на над триесет колективни изложби и ликовни колонии, имал девет самостојни изложби. Шест пати е наградуван за своето уметничко творештво. Учествувал во неколку уметнички проекти, а насликал и неколку мурали на јавни површини во Звечан, Косовска Митровица, Чачак, Белград, Горњи Милановац.

Неговите дела се наоѓаат во приватни колекции, како и во неколку галериски колекции: каталог на современа српска уметност - постојана изложба на Градски музеј во Косовска Митровица, колекцијата на Големата галерија на Културниот центар „Лаза Костиќ“ во Сомбор, Училиштето за внатрешен дизајн - град Бзенец, Чешка, колекцијата Арндт - Инголштат, Германија, и други.
За присутните, пред платото на музејот, членовите на "Свети пси" од Белград приредија музички перформанс.

Настанот е дел од „Кривопаланечко културно лето", каде вечер на програмата е настап на ДЈ Боно, кој ќе настапи на отворената летна сцена во градскиот парк.ид/

Фото: Општина Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан