• сабота, 21 декември 2024

Во манастирот „Свети Димитрија“ кај Прилеп, СДСМ го одржа традиционалниот народен собир

Во манастирот „Свети Димитрија“ кај Прилеп, СДСМ го одржа традиционалниот народен собир

Прилеп, 13 октомври 2024 (МИА) - Во манастирот „Свети Димитрија“ кај прилепското село Селце, СДСМ го одржа традиционалниот народен собир по повод празникот „11 Октомври“ денот на народното востание.

На собирот, претседателот на СДСМ Венко Филипче истакна дека нашите предци се бореа за слобода, а ние за правда, еднаквост и просперитет. Но, според него, денеска сме сведоци на Влада која со секој чекор ги изневерува граѓаните. СДСМ ќе даде поддршка за секое решение или подобра позиција која ќе ја договори Владата, но само ако тие решенија се реални и остварливи.

-Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ станаа заложници на лажните ветувања, а со тоа ја држат во заложништво и Македонија. Ако очекуваат дека СДСМ наивно ќе даде поддршка на идеи кои значат понатамошни блокади, решенија во кои никој не верува освен тие самите во Белата палата, тогаш се излажале. Ние нема да бидеме параван за нивните пропаднати политики. Нека покажат лидерство, нека покажат храброст и најважно од сѐ, нека покажат искреност, рече Филипче.

Според Филипче, членовите на СДСМ се враќаат, и тоа е доказ дека луѓето ја препознаваат посветеноста.

-Ние ќе ги решиме предизвиците, чекор по чекор. Не е лесно, но ќе ги решиме. Како претседател ветувам дека ќе ги изберам најдобрите луѓе – оние кои имаат поддршка од членовите, кои се подготвени да им служат на граѓаните, а не да се служат со нив. СДСМ ќе го врати гласот на членството, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешниот народен собир во манастирот „Свети Димитрија“ кај Прилеп, што оваа партија традиционално го одржува по повод празникот „11 Октомври“. ем/нд/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан