• сабота, 23 ноември 2024

Во Крива Паланка промовиран романот „Пеколот е горе" од Зорица Давитковска

Во Крива Паланка промовиран романот „Пеколот е горе

Крива Паланка, 2 март 2024 (МИА) -  Во општинската зграда во Крива Паланка синоќа беше промовиран романот- првенец „Пеколот е горе", на авторката Зорица Давитковска, професорка по македонски јазик и литература од средното општинско училиште „Ѓорче Петров" од градот.

Романот е во издание на здружението „Патник", а промотори беа професор Гоце Ристовски, декан на Факултетот за театарски уметности на меѓународниот универзитет „Еуропа Прима" , професорките Елена Јакимовска, Даниела Стоимировска и дизајнерот и хералдичар, Стојанче Величковски.

Ристовски рече дека настанот претставува празник на книгата и македонскиот јазик, дотолку повеќе што е пишуван на македонски литературен јазик.

- За жал, иако сме во првата четвртина на 21 век, сѐ уште, ако го парафразирам Чашуле, ќе речам "да се пишува на македонски значи да се води борба", за жал. Така што, според напишаното во книгата, професорката Давитковска веќе е легитимен борец со перото. Ако се водиме по древната кинеска мудрост дека за еден човек да се реализира во животот, треба да остави пород, да засади дрво и да напише книга, тогаш исто така, професорката и писателка Давитковска е и тоа како, реализирана личност што веќе ја оправда својата мисија на овоземниот свет. Романот што таа го напиша е жестоко предупредување на авторката за однесувањето на нас, луѓето во овоземниот живот. Романот има интенција како и секој првенец, да биде единствен, редок, автентичен и во него се покажуваат сите знаења и умеења, искуството на авторката, и во таа смисла и ова дело не е исклучок. И она што го карактеризира романот се различните приказни кои би можеле и секоја засебно, да бидат поместени во посебни книги, рече Ристовски.

Според авторката, делото е пишувано со мислата дека додека човекот не се предаде,тој е посилен и од својата судбина.

-Главната задача на мојот лик во книгата е да ги покаже прекумерната жилавост и издржливост за совладување на препреките во животот и за избегнување на "пеколот" на земскиот живот. А како? Со љубовта, како сила што нѐ воздигнува надминувајќи ги сите очекувања, рече Давитковска.

Таа на крајот од книгата порачува дека сѐ има свое време, има време за раѓање и умирање, време за градење и време за фрлање камења, време за молчење и време кога треба да се зборува.

- Секој си го носи своето бреме во ова време -невреме, заклучува авторката.ид/лв/


Фото МИА 

 

Остани поврзан