• среда, 12 февруари 2025

Во Крива Паланка почна уредувањето на нов, урбан парк кај зградите во населба Единство

Во Крива Паланка почна уредувањето на нов, урбан парк кај зградите во населба Единство

Крива Паланка, 10 февруари 2025 (МИА) – Почна реализацијата на работите од најновиот проект „ПАРКС“ што Општина Крива Паланка го имплементира заедно со партнер општината Дупница во рамки на ИНТЕРЕГ – ИПА програмата на Евопската Унија за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

Проектот е со вкупна вредност од 895.000 евра од кои за Крива Паланка се доделени 388.000 евра, со кои е предвидена изградба на нов, урбан, зелен парк што ќе донесе пејзажна трансформација на целата локација.

-Денес беше воведен во работа изведувачот што ќе работи на теренските активности за уредување модерен,зелен, парк на површина од 1800 м2, со хортикултурни содржини и модерен урбан изглед. Покрај уредување на локацијата со проектните активности за првпат инсталираме сензори за следење на квалитетот на воздухот во градот и Крива Паланка добива прв зелен катастар за урбаното подрачје. Локацијата ќе добие пејзажна трансформација, а како локална самопурава продолжуваме да вложуваме и уредуваме во општината, со акцент на нови еколошки решенија за одржлива општина со нов, урбан лик, изјави денес градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој изврши увид на локацијата заедно со вработените од администрацијата.

Со активностите од проектот „ПАРКС -зачувување на областите преку регионално знаење и одржливост“ во Крива Паланка е  изработена педолошка анализа на почвата, а ќе се реализира и обука за локалното население за уредување зелени површини и ќе биде публикуван прирачник за одгледување амбиентални растенија.

Овој проект ќе отвори нова страница во еколошкото планирање на градот, со поврзување на екологијата и технологијата за одржлива урбана општина.

Со „ПАРКС" покрај во Крива Паланка, зелени простори ќе бидат креирани и во урбаниот дел на општина Дупница, со раззеленување, на површина од  2 хектари.

Целта на проектот е зголемување на зелената инфраструктура во пограничниот регион, во Крива Паланка и Дупница, преку ревитализација на урбаните зони со зелени паркови, живописни зелени простори и користење најсовремена технологија за постојано следење на животната средина.ид/

Фото: Општина Крива Паланка 

 

Остани поврзан