• петок, 21 февруари 2025

Во Косовската амбасада за парламентарните избори гласале 17 од 55 пријавени граѓани

Во Косовската амбасада за парламентарните избори гласале 17 од 55 пријавени граѓани

Скопје, 9 февруари 2025 (МИА) - Во Амбасадата на Република Косово вчера гласале 17 граѓани за денешните парламентарни избори во соседната држава. 

Како што соопштија од Централната изборна комисија (ЦИК), за користење на своето право за гласање во Северна Македонија биле пријавиле 55 граѓани. Оттаму посочија дека вчерашниот изборен ден во амбасадите и конзулатите на Косово во странство поминал без никакви проблеми и пречки. 

На денешните парламентарни избори во Косово ќе можат да гласаат 2.075.868 граѓани во 941 избирачки центри и 2.533 гласачки места.

Во Косово право на глас имаат 1.970.944 граѓани, а во дијаспората 104.924 лица. Косовските граѓани во дијаспората гласаа вчера во 30 дипломатски претставништва, лоцирани во 19 различни земји.

На деветите парламентарни избори во Косово од прогласувањето на независноста учествуваат 28 политички субјекти, од кои 19 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат. Има и шест политички субјекти од српската заедница.

Собранието на Косово има 120 пратенички места, од ​​кои 20 се загарантирани за припадниците на малцинските заедници. Српската заедница има 10 пратенички места, бошњачката три, турската две, ромската (заедницата РАЕ) има четири, а Горанската заедница има едно пратеничко место. Изборниот праг е 5 отсто. фф/вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан