• вторник, 24 декември 2024

Во Кан денеска ревија на филмови и награда во чест на Димитар Николов-Таки

Во Кан денеска ревија на филмови и награда во чест на Димитар Николов-Таки
Скопје, 13 јули 2021 (МИА) - Во хотелот „Идн“ во Кан денеска во рамки на Канскиот филмски фестивал ќе се одржи ревија од победнички кратки остварувања од „Мобил фестивал“- Меѓународниот фестивал на филмови снимени со мобилен телефон. На настанот ќе биде доделена востановената награда во чест на Димитар Николов – Таки, кој го основа „Мобил фестивал“.

Димитар Николов почина на 63-годишна возраст, по кратко боледување. Покрај основањето на Интернационалниот фестивал на филмови, снимени со мобилен телефон, Таки беше филмски продуцент, менаџер на дистрибутерската компанија „КТ-филм и медиа“ и поранешен директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Ревијата е дел од Светската иницијатива за мир и толеранција на принцезата Анжелик Моне, која во последните десет години одржува гала вечер со хуманитарен карактер, во рамките на Филмскиот маркет на Канскиот филмски фестивал.

Минатата година за првпат филмови од „Мобил Фестивал“, беа прикажани на гала вечерта и се натпреваруваа за наградата „Карл Бартош“, што се доделува за филмови снимени на мобилен телефон, фокусирани на хуманитарни теми.

За изборот на филмовите лани и оваа година беше ангажирана Весна Ристовска. Филмовите ќе се натпреваруваат за наградите за најдобар филм со тема за животната средина и најдобар филм воопшто, за најдобра режија, актер или актерка, најдобра камера, монтажа, музика, ефекти и анимација.

Карл Бартош е пионер во продукцијата на филмови снимени на мобилен телефон. Проекциите нудат  широк спектар од жанрови и наративи, од документарни, анимирани до експериментални филмови, направени од професионалци и аматери. Мотото е „Одлични филмови во мали пакувања“.

„Мобил фестивал“ годинава ќе гo има 12 издание, во организација на продуцентската куќа „КТ-Филм и Медиа“, од Битола. бт/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан