• понеделник, 23 декември 2024

Во Бигорски манастир одржана промоција на книгата „Само љубов шириш, Христе“, прва песнарка од ваков вид

Во Бигорски манастир одржана промоција на книгата „Само љубов шириш, Христе“, прва песнарка од ваков вид

Дебар, 3 јуни 2024 (МИА) - Во атмосфера на непосредна радост изразена низ детска насмевка и задоволство, во Бигорскиот манастир одржана е промоција на велигденската збирка песни за деца насловена „Само љубов шириш, Христе“.

-Збирката велигденски творби, којашто децата од Дебар, Река, Маврово, Тетово, Скопје и други места, ја составија за своите најдобри пријатели-децата, е создадена по идеја на нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, чиишто неуморни трудови за напредокот на овој крај се познати насекаде, информираше за МИА, сестра Ефимија.

Владиката Партениј на присутните им се обрати со пригодно слово, поздравувајќи ги и изразувајќи го своето големо задоволство, најнапред кон децата, а потоа и кон стручните соработници и родителите.

- Самиот наслов на книгата, „Само љубов шириш, Христе“, е земен од песничката на малиот Марко. И мислам дека сосема точно е избран тој наслов, бидејќи децата природно го чувствуваат Христа како некој кој шири само љубов. Децата најмногу ја сакаат љубов и таа им е неопходна, за да растат на еден правилен и здрав начин. Целта на книгичката што денеска ја промовираме, во овој радосен период на попразненство на Светата Пасха, кога уште се поздравуваме со радосниот поздрав Христос Воскресе, е токму таа: преку песни, преку поезија да се изнесат чувствата на децата во однос на најголемиот христијански празник, Воскресението Христово, и секако, нивните чувства кон самиот Спасител и Господ Исус Христос, рече меѓу другото владиката.

Книгата е и едно своевидно сведоштво дека Христијанството на овие простори отсекогаш било силно, дека тоа е историската и длабока вкоренета вера во овој крај и дека тоа треба така да остане до крајот на светот.

-Секако, ние овде живееме со заемна почит и со нашите браќа по крв кои практикуваат мухамеданска или исламска религија. И затоа неслучајно книгата ја насловивме „Само љубов шириш, Христе“, бидејќи Христијаните се оние коишто треба да ја оприсутнуваат Христовата небесна љубов во овој свет. И добро е и за овој крај Христијанството никогаш да не свене, затоа што крајов ќе биде побогат доколку луѓето се учат на соживот и на меѓусебно почитување. Всушност, преку различностите луѓето стекнуваат и поголема човечност и една поубава, да кажам, мултикултурност, затоа што знаат и научиле да живеат со различностите на другиот. Ние како Христијани сме должни особено да го почитуваме другиот во неговите различности, порача тој.

Мојата најголема желба и моите молитви, рече владиката, се да има што повеќе деца во крајов, и фала му на Бога, многу молитви се услишени досега и Бог да ни „помага да се сакаме сите во овој крај, без разлика на верската и национална припадност“.

Професор д-р Милена Ристова – Михајловска, штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“,  промовирајќи ја книгата рече дека ова е прва песнарка од ваков вид, во која се сместени најискрените детски доживувања за празникот Воскресение Христово а ја изрзи и огромната радост заради силната културна и просветителска мисија на владиката Партениј, за заживувањето на овој крај и за неговото културно и духовно издигнување.

Во своето обраќање професорот по македонски јазик Рамазан Рамановски по потекло од селото Косоврасти, кому владиката Партениј му искажа посебна благодарам и кој според него бил нивна инспирација за овој потфат, се заблагодари  што е дел од ова значајно дело, што за него е чест и задоволство.

Нашите предци кои живееле тука пред нас ни оставиле аманет да се сакаме и почитуваме, да си помагаме, да си пружиме рака во неволја, зошто само така ќе ја заслужиме Божјата љубов. Само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и  секогаш посилни. Слободата е наша прва Света книга и затоа не испуштајте ја од своите раце. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Низ секој наш творечки подвиг. И низ секој изгрев што нè осветлува. Зашто нашето знаме е сонцето, а тоа е најстариот оган на кој се греемерече тој.

Сведоци сме, посочи,  дека реканскиот крај е синоним за меѓуетнички соживот, дискриминацијата е непозната именка за нас, а гостопримството е епитет кој најдобро нè отсликува. За жал, „белата чума“ не го одмина овој крај, па малку по малку овие простори се испразнуваат.

-Велат во секое зло има и нешто добро, а јас пак велам дека најдоброто нешто што му се има случено на овој крај е тоа што токму тука живее и работи отец Партениј, Епископ Антаниски и Игумен Бигорски. Почитуван Владика, дозволете во мое лично име и во име на жителите на реканскиот крај да Ви изразам огромна благодарност за cè што правите, за културната и духовната ренесанса на овој крај, за секоја детска насмевка, за Вашата визија: Река да ја направите доследно место за живеење, нагласи Раманоски.

На крајот од настанот, владиката Партениј на младите автори и поети им подели пригодни подароци, а на наставниците по македонски јазик благодарници за соработката и за нивното менторско учество. вт/сст/

Фото: Бигорски манастир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан