Во акција на младите на дебарскиот Црвен крст во училиштата собрани над 213 илјади денари за настраданите во Турција и Сирија
- Членовите на клубот на млади при дебарската организација на Црвен крст, реализираа акција за собирање финансиски средства за настраданите подрачја во Турција и Сирија.
Дебар, 20 февруари 2023 (МИА) - Членовите на клубот на млади при дебарската организација на Црвен крст, реализираа акција за собирање финансиски средства за настраданите подрачја во Турција и Сирија.
-Младите организираа акција за доброволно дарување средства во трите основните училишта, двете во Дебар и она во село Долно Косоврасти, како и гимназијата во градот. На истата собрани се 213.500 денари, доброволни прилози на учениците, нивните професори и другите вработени. Исто така по нивна иницијатива во тек е хуманитарен турнир во мал фудбал, а собраните средства се исто така за настраданите подрачја, изјави за МИА, Исни Телќиу, секретар на дебарскиот Црвен крст.
Клубот, во кој членуваат 25 млади и во досегашниот период имаат спроведено низа активности, како што се посета на стари и немоќни лица, на кои им излегуваат во пресрет и за набавка на неопходни продукти и лекови, достава на помош на лица кои се нашле во потреба од неа.
Нивната активност посебно за поздравување беше во време на пандемијата со КОВИД-19, кога по потврдените први случаи, во општините Дебар и Центар Жупа, беше воведен карантин.
Тие редовно ги посетуваа жителите и во најоддалечените населени места а во време на полициски час помагаа и во снабдувањето на граѓаните со неопходните потреби кои тоа ќе го побараа од Црвениот крст, јавувајќи се на посебниот телефонски број.
Инаку, по иницијатива на самите ученици а поддржана и од вработените, акција за собирање финансиски средства, беше спроведена и во двете основни училиштата и гимназијата во општина Центар Жупа, во која се собрани над 500 илјади денари. вт/дма/