• сабота, 23 ноември 2024

Вицепремиерот Меџити на конференција на амбасадори во Тирана

Вицепремиерот Меџити на конференција на амбасадори во Тирана

Тирана, 27 август 2024 (МИА) - Првиот вицепремиер на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити учествувал на конференција на амбасадори во Тирана, организирана од Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија, на која биле присутни албански политичари од земјите на регионот.

- За време на панелот на тема „Албанскиот простор во геополитиката на регионот“, првиот вицепремиер Меџити ги сподели своите видувања за последните случувања на политичката сцена на Северна Македонија, при што ја истакна важноста на долгоочекуваната промена што ја донесе создавањето на владата без ДУИ, партија која 22 години ја монополизираше албанската политика, а македонските партии постојано се менуваа, нагласувајќи дека ДУИ ја задуши политичката сцена и го попречувала секој обид за позитивни промени за Албанците, се вели во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Меџити рекол дека европската интеграција останува апсолутен приоритет на коалицијата и ја изразил својата посветеност и подготвеност да гласа за уставните измени во секој момент.

Првиот вицепремиер му честитал на министерот Игли Хасани за создавањето на посебен оддел во Министерството за надворешни работи на Албанија, посветен на Албанците од регионот и дијаспората, додавајќи дека продлабочувањето на меѓуалбанската соработка е неопходност што треба да продолжи непрекинато.

Меџити ја подвлекол потребата од создавање заедничка платформа за соработка во различни области, од образование до економија, опишувајќи го тоа како дефинирачки елемент за заедничката европска иднина. цр/бак/

Фото: Министерството за животна средина и просторно планирање

 

Остани поврзан