• среда, 27 ноември 2024

Вардар поразен во Скопје од ПИК Сегед во ракометната Лига на шампиони 

Вардар поразен во Скопје од ПИК Сегед во ракометната Лига на шампиони 
Скопје 14 февруари 2021 (МИА) – Македонскиот ракометен првак Вардар го претрпе петтиот пораз во седмиот натпревар во Лигата на шампиони, откако со голем пад во играта во завршните минути загуби вечерва во Скопје од унгарски ПИК Сегед со 28:26 (13:15). Унгарскиот шампион подобро го отвори натпреварот во салата „Јане Сандански“ одржувајќи константна предност во воведните минути која достигна највисоки плус три (7:4) на средината на првото полувреме. Вардар се врати резултатски во игра со серија од 3:0 и со подобра игра во финишот на првиот дел, пред сè во одбраната, обезбеди предност од два голови разлика на полувреме (15:13). Во продолжението, ракометарите на македонскиот првак стигнаа до највисоки 20:17, по што Сегед врати со три последователни голови за ново израмнување во 44 минута. Мечот влезе во неизвесна завршница во која ракометарите на Вардар немаа решение како да ја пробијат одбраната на унгарскиот првак и на крајот го претрпеа четвртиот пораз во серија. Тимур Дибиров и Ловро Јотиќ беа најефикасни во редовите на Вардар со по шест голови. Вардар со ефект од една победа, пет порази и еден нерешен натпревар остана на последното место во Групата А пред реваншот со ПИК Сегед на гостински терен на 18 февруари. ЕХФ во петокот одлучи сите 16 екипи распоредени во двете групи на Лигата на шампиони да настапат во осминафиналето, а двојките ќе бидат формирани според пласманот и по редослед 1А-8Б, 2А – 7Б, 3А-6Б, 4А-5Б, 5А-4Б, 6А-3Б, 7А – 2Б, 8А-1Б. ег/са/

Остани поврзан