• сабота, 22 февруари 2025

Бугарскиот Парламент формира комисија за безбедност во сообраќајот

Бугарскиот Парламент формира комисија за безбедност во сообраќајот

Софија, 21 февруари 2025 (МИА) - Бугарскиот парламент едногласно одобри формирање на привремена комисија за решавање на проблемите со безбедноста на патниот сообраќај. Одлуката беше донесена со 178 гласа „за“.

Комисијата ќе брои 16 членови, по двајца од секоја парламентарна група, и ќе функционира три месеци. Во тој период, таа ќе ги истражи сите релевантни фактори и ќе подготви законски решенија за намалување на сообраќајните несреќи. Претседател на комисијата ќе биде пратеникот Андреј Рунчев од ГЕРБ-СДС.

При образложението за формирањето на комисијата, пратеникот Маноил Манев изјави дека секоја година во Бугарија во сообраќајни несреќи загинуваат во просек 400 луѓе.

- Имаме зголемена агресија на патиштата, висока брзина, пијани и дрогирани возачи. Оваа комисија е неопходна за да предложиме комплексни и одржливи решенија за намалување на овие трагедии, истакна Манев.

Пратеникот Кирил Добрев од „БСП-Обединета левица“ исто така ја поддржа иницијативата, нагласувајќи дека речиси секое семејство во Бугарија било погодено од сообраќајна несреќа.

- Години наназад носиме закони за поединечни случаи, но тоа не е системско решение. Сега имаме можност да донесеме вистински промени, изјави Добрев. ссм/

фото: архива

Остани поврзан