Британскиот премиер Кир Стармер повика на зголемен притисок врз Путин
- Британскиот премиер Кир Стармер денеска повика светските лидери да продолжат со засилен притисок врз рускиот претседател Владимир Путин за да го натераат да прифати прекин на огнот во Украина.

Лондон, 15 март 2025 (МИА) - Британскиот премиер Кир Стармер денеска повика светските лидери да продолжат со засилен притисок врз рускиот претседател Владимир Путин за да го натераат да прифати прекин на огнот во Украина.
- Ако Путин е сериозен во намерата за мир, тоа е многу едноставно – треба да ги прекине варварските напади врз Украина и да се согласи на прекин на огнот, рече Стармер на виртуелен самит со околу 25 светски лидери, меѓу кои челници од Европа, Австралија, Канада и Нов Зеланд.
На средбата се разгледуваат можностите за воена и финансиска поддршка на Украина, како и потенцијална мировна мисија која би помогнала во обезбедувањето на евентуален мировен договор.
Стармер оцени дека „Путин на крајот ќе мора да седне на преговарачка маса“, а меѓународната заедница мора да биде подготвена да го обезбеди мирот на начин што ќе гарантира неговата долгорочна одржливост.ссм/
фото: ЕПА