• понеделник, 23 декември 2024

„Брисел Миди“ - најопасната железничка станица во Европа  

„Брисел Миди“ - најопасната железничка станица во Европа  

Брисел, 14 септември 2024 (МИА) – Престрелките, нападите и кражбите се карактеристични за главната железничка станица во белгискиот главен град „Брисел Миди“, а никој не презема мерки за решавање на овие проблеми, се жалат вработените во објектот кој важи за „Порта на Белгија кон Европа“. 

Тие велат дека и покрај засиленото полициско присуство во „Брисел Миди“ криминалот е надвор од контрола, а престрелките и тепачките предизвикуваат страв кај патниците и вработените на железничката станица и во другите објекти во комплексот. 

Само оваа година околу станицата имаше неколку крвави инциденти. Во април, едно лице беше избодено на метро станицата во објектот, во јуни беа убиени две лица при престрелка во блиско кафуле, а во август едно лице беше рането во престрелка во близина на еден од влезовите во комплексот. Дополнително, тука е раширена и продажбата на дрога, кражбите во продавниците и физичките пресметки меѓу криминалните банди. 

Според податоците на полицијата, во периодот помеѓу 2018 и 2022 година на „Брисел Миди“ годишно во просек биле регистрирани по околу 3.500 кривини дела, како кражби, ограбувања и шверц на дрога, што е колку вкупниот број на кривични дела на станиците во 13 фламански градови заедно. 

- Ова е најлошото место каде што некогаш сум работел. Сум бил низ цела Европа и ова е најлошата станица, вели за бриселскиот портал „Политико“ вработен во слаткарница на „Брисел Миди“, кој додава дека бил очевидец на се - од тепачки со ножеви до „многу, многу кражби“. 

Вработен во продавница на станицата вели дека еден ден само во рок од три часа во објектот се случиле шест кражби. Според него, кражбите во продавниците се толку честа појава, што повеќе „не се ни мачат да ги пријават на полицијата“. 

Карим, сопственик на ресторан во непосредна близина на станицата, вели дека насилството во и околу „Брисел Миди“ достигнало „точка на вриење“ и ако ситуацијата не се подобри тој ќе го продаде својот угостителски објект и ќе го пресели бизнисот на друго место. - Не се плашам да умрам, но не сакам да умрам овде, додава тој. 

Професорот по криминологија на Универзитетот во Гент, Кристоф Вандевивер вели дека стапките на криминал во и околу железничките станици се повисоки од просекот затоа што тоа се места каде што циркулираат голем број луѓе. 

Тој смета дека ефикасна мерка за намалување на криминалот на железничките станици би било да се зајакне полициското присуство во часовите кога е најголема веројатноста да се случат кривичните дела. 

Според вработените во објектот на станицата, вината за ваквата состојба на „Брисел Миди“ е на органите на редот и на политичарите, кои не прават доволно за справување со проблемот, а локалните властите се обвинуваат меѓусебно за безбедносните пропусти. 

Станицата „Брисел Миди“ се наоѓа на тромеѓето меѓу административните територии на Градот Брисел и на општините Сен Жил и Андерлехт, па за справување со проблемите е потребна координација меѓу трите локални администрации. 

Според градоначалникот на Брисел, Филип Клоз, ситуацијата на станицата е драматична, а најголем проблем е што ниту една од институциите не презема одговорност, правдајќи се дека тоа не е во нивна надлежност. 

Тој ја обвинува Федералната влада на Белгија за неактивност и за незаинтересираност за инвестирање пари во Брисел. 

- Понекогаш е поефикасно да се најдат пари за помош на Антверпен, отколку Брисел, изјави Клоз. 

Тој посочува дека во рамки на Акцискиот план на Федералното министерство за внатрешни работи, усвоен минатата година,е превидено отворање на полициска станица на „Брисел Миди“, но тоа се уште не сторено.  

Според портпаролот на белгиската железница СНЦБ, Том Гијом, полициската станица во објектот на „Брисел Миди“ ќе биде отворена „наскоро“, но точниот датум кога ќе се случи тоа „се уште не се знае“.

- Отворањето на станицата ќе ја зголеми видливоста на полициските сили, смета Гијом, кој оценува дека ситуацијата на „Брисел Миди“ е „комплексна“. 

Со Акцискиот план, меѓу останато се предвидува подобрување на осветлувањето во и околу објектот, како и обезбедување на слободен Ви-Фи интернет во целиот простор. 

Според Гијом, согласно Планот, се спроведуваат редовни акции за чистење во и околу станицата, бидејќи со „поголемата чистота на просториите се зголемува и чувството на безбедност кај патниците“. 

Од друга страна, портпаролот на белгиското МВР, Ник Гизелинк вели дека засега наишле на „многу слаб“ одговор на Акцискиот план од страна на засегнати субјекти.  

- Не може да се справиме со различните појави во и околу станицата, ако не се здружат сите служби и партнери, изјави Гизелинк. 

Според професорот Вандевивер, случувањата околу „Брисел Миди“ само потврдуваат дека соработката меѓу институциите никогаш не била јака страна на Белгија. - Сегашната поделба на одговорностите создава предизвици за решавање на проблемите, бидејќи никој не се чувствува одговорен, смета Вандевивер. сп/

Фото: СНЦБ

Остани поврзан