• вторник, 06 август 2024

Борел: Се чини дека Гонзалес е победник на претседателските избори во Венецуела 

Борел: Се чини дека Гонзалес е победник на претседателските избори во Венецуела 

Брисел, 5 август 2024 (МИА) - Европската Унија и натаму со голема загриженост ги следи случувањата во Венецуела и повикува на смиреност и воздржаност, се наведува во писмената изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел објавена доцна синоќа во врска со настаните во оваа јужноамериканска држава по претседателските избори одржани на 28 јули. 

- Во ова критично време, важно е демонстрациите и протестите да останат мирни. Венецуелските власти, вклучително и безбедносните сили, мора целосно да ги почитуваат човековите права, вклучително и слободата на изразување и собирање, потенцира Борел во изјавата упатена во име на ЕУ. 

Според Борел, во извештаите на меѓународните мисии за набљудување на изборите јасно се наведува дека претседателските избори не ги исполниле меѓународните стандарди за изборен интегритет. 

Националниот изборен совет на Венецуела (ЦНЕ) официјално го прогласи Мадуро за победник на изборите со освоени 51,95 отсто од гласовите, пред кандидатот за здружената опозиција Демократска унитарна платформа (ПУД), Едмундо Гонзалез со 43,18 проценти. Но, опозицијата ги отфрла ваквите резултати на ЦНЕ, во кој доминираат луѓе од Обединетата социјалистичка партија на Венецуела (ПСУВ) на Мадуро, обвинувајќи за изборни измами и фалсификати. Според резултатите на ПУД, Гонзалез освоил 67,14 отсто, а Мадуро 30,41 проценти од гласовите. Ваквите состојби доведоа до масовни протести на приврзаниците на опозицијата, во кои досега загинаа најмалку 17 лица.  

- И покрај сопствената посветеност, Националниот изборен совет на Венецуела се уште ги нема објавено официјалните записници од гласањето на избирачките места. Без нив како доказ, резултатите објавени на 2 август од ЦНЕ не можат да бидат прифатени. Секој обид да се одложи целосното објавување на официјалните записници од гласањето само дополнително ќе предизвика сомнеж во веродостојноста на официјално објавените резултати, вели Борел. 

Тој натаму потенцира дека според копиите од изборните записници објавени од опозицијата, а прегледани од неколку независни организации, „се чини дека Гонзалес е победник на претседателските избори со значително мнозинство“. 

- Затоа Европската Унија повикува на понатамошна независна проверка на изборната евиденција, доколку е можно од страна на меѓународно познат субјект, се додава во изјавата. 

Според Борел, ЕУ е сериозно загрижена поради зголемениот број произволни притворања и континуираното малтретирање на опозициски припадници и ги повикува властите во Венецуела да престанат со ваквите апсења, репресии и насилна реторика против членовите на опозицијата и граѓанското општество и да ги ослободат сите политички затвореници. 

- Европската Унија ги поздравува напорите на регионалните партнери, со кои останува во близок контакт, за промоција на дијалог и решавање на кризата преку преговори. Почитувањето на волјата на венецуелскиот народ останува единствениот начин Венецуела да ја врати демократијата и да ја надмине актуелната хуманитарна и социо-економска криза, додава Борел во писмената изјава. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан