• вторник, 24 декември 2024

Борел повикува на поголема помош за Украина и прекин на огнот на Блискиот Исток

Борел повикува на поголема помош за Украина и прекин на огнот на Блискиот Исток

Луксембург, 14 октомври 2024 (МИА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска повика на дополнителна помош за Украина и итен прекин на огнот на Блискиот исток, пред денешниот состанок на европските министри за надворешни работи во Луксембург.

-Во Украина и на Блискиот Исток ситуацијата се влошува, изјави тој.

Според него, на украинската страна и се потребни дополнителни средства за противвоздушна одбрана. Високиот претставник изрази надеж дека министрите ќе постигнат договор за доделување нови суми од буџетот за воена помош за силите на Киев. Борел истакна дека извозот на украинско жито преку Црното Море повторно е отежнат поради руското гранатирање на некои од трговските бродови.

-Се надевам дека ќе донесеме одлуки за зголемување на помошта. Повторно повикуваме на итен прекин на огнот во целиот регион, рече Борел во врска со ситуацијата на Блискиот Исток.

Тој изјави дека гранатирањето на персоналот на ОН на теренот е неприфатливо. Борел инсистираше да престанат обвинувањата против генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш од израелска страна.

Тој прецизираше дека европските министри ќе разговараат за предлогот за воведување санкции, вклучително и против двајца израелски министри. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан