• среда, 24 јули 2024

Борел: ЕУ ќе и додели 10 милиони евра мировна поддршка на Ерменија и ќе почне дијалог за визна либерализација 

Борел: ЕУ ќе и додели 10 милиони евра мировна поддршка на Ерменија и ќе почне дијалог за визна либерализација 

Брисел, 22 јули 2024 (МИА) – На денешниот Совет за надворешни работи на ЕУ беа усвоени две важни одлуки што ќе го зајакнат партнерството на Унијата со Ерменија – поддршка за ерменската Армија во износ од 10 милиони евра и отпочнување на дијалог за визна либерализација за ерменските граѓани при патување во Унијата, информира високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по завршувањето на заседанието на Советот.  

- Прво, ја усвоивме досега првата мерка за поддршка во рамки на Европскиот мировен механизам со Ерменија, во вредност од 10 милиони евра и второ, дадовме зелено светло за отпочнување на разговорите за визна либерализација. Тоа се одлуки на кои Ерменија долго чекаше и многу сум среќен што конечно е постигнат договор за тоа пред летните одмори, истакна Борел. 

Според него, ваквите одлуки се особено важни имајќи ги предвид тензичните односи во кавкаскиот регион и ќе придонесат за зајакнување на европското партнерство со Ереван. 

Целта на помошта преку Мировниот механизам е да се помогне за подобрување на логистичките капацитети на ерменските Вооружени сили и да се придонесе за подобрена заштита на цивилите во услови на кризи и вонредни ситуации. Таа, исто така, има за цел да ја подобри отпорноста на Ерменија и да ја забрза интероперабилноста на нејзините Вооружени сили во случај на можно идно учество на земјата во меѓународни воени мисии и операции, вклучително и оние под водство на ЕУ.  

Поконкретно, усвоената мерка за помош ќе овозможи обезбедување на целосно опремен шаторски камп за единица со големина на баталјон. 

Како што информира Советот на ЕУ, поддршката која е усвоена се заснова на заедничките вредности и има за цел промовирање на мирот, стабилноста и просперитетот во Ерменија и во реонот на Јужен Кавказ. 

Според  Советот, ЕУ е посветена на унапредување на сеопфатното политичко и економско партнерство со Ереван, врз основа на Договорот за сеопфатно и засилено партнерство ЕУ-Ерменија, како и на натамошно зајакнување на меѓусебните односи во сите димензии, вклучително и интензивирање на дијалогот и соработката во областа на надворешната и безбедносната политика. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан