• понеделник, 23 декември 2024

Германската компанија „Рајнметал“ потврди дека гради фабрика за муниција во Украина

Германската компанија „Рајнметал“ потврди дека гради фабрика за муниција во Украина

Диселдорф, 24 јули 2024 (МИА) - Најголемиот германски производител на оружје „Рајнметал“ денеска потврди дека гради фабрика за муниција во Украина откако добила порачка од украинската влада, јави ДПА.

Проектот првично беше објавен во февруари. Обемот на нарачката е во рамките на неколку стотици милиони евра, а производството на муниција ќе започне во рок од 24 месеци. Секоја година ќе се произведуваат стотици илјади парчиња артилериска муниција.

Главен акцент ќе биде ставен на производството на муниција од 155 милиметри, која ја користат западните земји, но се планира и производство на други видови муниција.

Фабриката ќе се раководи преку заедничко претпријатие што „Рајнметал“ има намера да го основа наскоро со државна украинска компанија.

Претпријатието ќе „создаде украински центар на извонредност во областа на производството на муниција заедно со нашиот партнер“, изјави шефот на германската компанија за оружје „Рајнметал“, Армин Папергер.

Големиот германски производител на оружје е еден од најважните добавувачи на воена опрема за Украина. Компанијата со седиште во Дизелдорф веќе го снабди Киев со тенкови, системи за противвоздушна одбрана, муниција и друга опрема. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан