• четврток, 05 декември 2024

„Боите на Струга – култури кои се среќаваат“ - прв базар во организација на Општина Струга

„Боите на Струга – култури кои се среќаваат“ - прв базар во организација на Општина Струга

Струга, 1 ноември 2024 (МИА) - Под мотото „Боите на Струга – култури кои се среќаваат“ над дваесет изложувачи од Струга, но и цела држава денеска ги претставија своите бизниси на првиот езерски базар што го организираа координаторките за еднакви можности на жените и мажите при Општина Струга.

Целта на првиот општински базар, според Билјана Спасеска, координатор за еднакви можности, е промоција на локалните бизниси и културните разлики во Струга. 

- Целта на настанот е промоција на локалните бизниси и културните разлики во нашиот град, со што денес сите заедно овде ќе кажеме, „да за толеранција по пол, раса, етничка припадност, социјални разлики и политичка припадност“, истакна Спасеска, со надеж дека базарот ќе прерасне во традиција.

Базарот, според дел од изложувачите, е одлична можност да ги презентираат своите производи, повеќето рачни изработки, но и меѓусебно вмрежување.

На штандот на стружанката Кате Ложанкоска беа презентирани домашни производи од тесто направени на традиционален начин. 

- Правам тестенини и ги продавам. Тоа е мое хоби, а основната професија ми медицинска сестра, акушерка. Ова го работам со љубов. Денеска имам јуфки, тарана, кус кус, пита со праз и компири, правени на традиционален македонски начин, рачно без помош од машини, вели Ложанкоска. 

Дестилеријата „Ѕвончар“, семеен бизнис на Денис Трајчевски Ѕвончар ги претстави своите производи „Љубовна ракија“ и ракијата „Прва љубов“. 

- „Љубовната ракија“ е стара пет години одлежана во дабови буриња или стаклени билнаци и потоа се става во имела, која се користи како лек. Карактеристично за овие ракии е автохтоноста, појаснува Ѕвончар.

Покрај многубројните плечари, на настанот свој штанд имаше и кумановецот Љупчо Стојчевски, кој ги презентира своите медни производи. 

- Професионален пчелар сум. Одледувам 200 пчелни семејства и продавам се што може од пчелни производи: полен перга, прополис, матичен млеч, меден крем, медовача... Ваквите манифестации овозможуваат народот да се запознае со природните производи што ги нудиме и бенефитите од нив, вели Стојчевски.

Сара Матоска е изработувач на рачни ракотворби од волна. Нејзините изработки побудија интерес кај посетителите, но вели дека после јавните презентации интересот и побарувачката се поголеми.

Покрај производителите на рачни ракотворби и домашни производи свое место имаше и брендот „Сејф“, продавница за облека од втора рака на стружанката Виолета Куцулоска.

- Целта со продажбата на облека од втора рака е да ја зачуваме природата. Облека има премногу на планетата, моментално да се облечат шест генерации. Производството не престанува, туку напротив брзата мода се движи побрзо од светлината и за да ја успориме се случува движење на бавна мода, односно секое парче кое може да се реупотреби, истакна Куцулоска, посочувајќи дека кај стружани полека се јавува интерес, додека на ниво на држава се поголем. сс/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан