• сабота, 23 ноември 2024

Божиновска: Лидерството не е за позиција, туку за одговорност и резултати

Божиновска: Лидерството не е за позиција, туку за одговорност и резултати

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Жените како лидери во општеството носат позитивни промени и покрај сите предизвици со кои се соочуваат како нееднаква плата, ограничен пристап до лидерски позиции и системски бариери. Но, и покрај овие предизвици, ние продолжуваме да се издигнуваме, да ги поместуваме границите и да го бараме нашето вистинско место во иднината што и ние ја обликуваме, рече министерката за енергетика Сања Божиновска на Женскиот економскиот форум- Балкан 2024.

Министерката посочи дека бројките сè уште покажуваат дека жените се недоволно застапени на клучните, одлучувачки позиции, позиции со одговорности и со висока компетентност, а учеството во работната сила заостанува зад европскиот просек. Во земјите од Западен Балкан, учеството на женската работна сила е едно од најниските во Европа Божиновска сподели и искуство од нејзиното патување во професионалната кариера надвор од Македонија, на кое имало бариери со кои се соочуваат многумина - бариери на сомнеж, родова пристрасност и отпор кон промените.

-Кога станав министерка за енергетика, брзо сфатив дека овој сектор - како и многу други - беше сектор во кој жените беа недоволно застапени. Но, секој од овие предизвици само ја поттикна мојата решеност. Знаев дека лидерството не е поседување на титула, туку преземање на акција. Научив дека лидерството не е за позиција, туку за одговорност и резултати, и како жени, мораме постојано да притискаме за промени, не само за себе, туку и за секоја жена која гледа на нас и  
верува во подобра иднина.Нема да чекаме да се случи промена, ние ќе ја предизвикаме промената, ќе бидеме промена, истакна министерката.

На Форумот кој се одржува во Скопје, успешни и инспиративни жени од политиката, бизнисот и академската заедница испратија моќни пораки за важноста на жените да се мотивираат и да се поддржуваат меѓусебно.

Учествуваа 300 бизнис-лидери, претприемачи, активисти, истражувачи и академици од Португалија, Индија, Египет, Турција, Хрватска, Словенија и од земјите од Западен Балкан. Настанот е дел од глобалната франшиза на Women Economic Forum (WEF) и глобалната мисија Г100 Милион. мч/са/

Фото: Министерство за енергетика

Остани поврзан