• понеделник, 23 декември 2024

Блинкен предупредува дека Кина го следи секој чекор на САД за војната во Украина

Блинкен предупредува дека Кина го следи секој чекор на САД  за војната во Украина

Вашингтон, 22 март 2023 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави денеска дека Кина многу внимателно набљудува како Вашингтон и светот реагираат на руската инвазија на Украина.

По посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Москва, Блинкен нагласи дека доколку на Русија и се дозволи неказнето да го нападне својот сосед, тоа ќе ја отвори „Пандорината кутија“ за потенцијалните агресори и ќе доведе до конфликт, пренесуваат британските медиуми.

-Влоговите во Украина ја надминуваат самата Украина и мислам дека тие имаат големо влијание врз Азија, на пример, рече Блинкен, истакнувајќи дека Јапонија и Јужна Кореја се главните поддржувачи на Украина во конфликтот.

Конфликтот во Украина доведе до дебати за тоа како војната ќе влијае врз воената перспектива на Кина кон Тајван, независна островска држава која Пекинг ја гледа како суверена кинеска територија.

-Мислам дека ако Кина го гледа ова, а тие тоа го следат многу внимателно - ќе ја научат лекцијата за тоа како светот се спојува или не, за да се спротивстави на оваа агресија, рече Блинкен, говорејќи пред поткомитетот на Сенатот за апропријација.

Претседателите Си и Путин се поздравија како „драги пријатели“ кога се сретнаа во Кремљ и разговараа за предлозите на Кина за решение на украинскиот конфликт.

Блинкен додаде дека кинеската политичка и материјална поддршка за Русија е во спротивност со интересите на Вашингтон, но кажа дека Вашингтон допрва треба да види докази дека Пекинг и дава значителна помош на Москва во конфликтот. сд/

Остани поврзан