• понеделник, 23 декември 2024

Битиќи: Проекциите за населението може да станат реалност и не смееме да ги премолчиме

Битиќи: Проекциите за населението може да станат реалност и не смееме да ги премолчиме

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) -  Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на промоцијата на проекциите за населението до 2070 година порача да не ги следиме демографските случувања згрчени, исплашени и во шок, туку во нив да гледаме можност за креирање на поголема инклузивност и негување на човечкиот капитал.

Укажа на потребата од носење системски промени и одлуки, а како најзагрижувачки податок од Пописот во 2020 година го истакна делот за младите и јасниот тренд за нивно заминување во изминатите 20 години. 

Во 2002 година вкупниот број на млади на возраст од 15 до 29 години изнесувал 480.828 или 24 проценти од вкупното население. Според податоците од 2021 година, бројката за оваа категорија изнесува 326.733 или 18 проценти од вкупниот број на населението. Во рок од 20 години, бројот на млади на возраст од 15 до 29 години е намален за над 150.000 граѓани, или слободно може да кажеме дека оваа возрасна категорија се намалила за околу една третина. Повеќе од 100.000 граѓани, кои во 2002 година биле на возраст од 15 до 29 години, а денес би имале 29 до 35 години, не се во државата, односно не се евидентирани на последниот попис во 2021 година. Овој тренд се повторува и кај децата на возраст од 0 до 9 години, кои денес би имале 20 до 29 години, па така 16 проценти од оваа група недостасува на последниот попис.

-Податоците од пописот покажаа јасен тренд на заминување на младите во овие 20 години. Проекциите укажуваат дека тој тренд ќе продолжи. Нашата земја веројатно нема да ја измине и трендот на засилена емиграција при влез во Европската Унија. Ова искуство го имаат сите земји при пристапувањето, но исто така и по влезот во Европска Унија бележат враќање на иселените граѓани назад во земјата, или задржување на бројот на население, рече Битиќи.

За жал, нагласи Битиќи, се плашам дека проекциите може да станат реалност и не смееме да ги премолчиме. 

-Веќе се сопнуваме на нив. Некој 20 години ни ги сокривал под тепих, 20 години не преземал ништо, 20 години некој ни ја крадел иднината. Време е за поинаку, сметам дека следните неколку години се нашата шанса за да направиме вистинска промена. Која почнува од сите нас. Затоа ве молам, сите до кој ќе стигне можеби оваа моја порака денеска, да бидеме корективот кој ни е потребен. Не критичарот... корективот. Да можеме да гледаме во податоци, во предизвици, без порив за обвинување, туку со желба за подобрување. Со разбирање на поголемиот контекст кој се случува околу нас и разбирање на нашето место и улога во него, рече Битиќи. 

Истакна дека решението е во носење системски промени и одлуки кои носат предвидливост и доследност, без разлика на политичката волја, што, нагласи, носи нешто што е непроценливо важно за секој развој -  јакнење на сигурноста и довербата.

Порача да не ги следиме демографските случувања згрчени, исплашени и во шок, туку во нив да гледаме можност за креирање на поголема инклузивност и негување на човечкиот капитал.

-Преку креирање  политики кои им го олеснуваат пристапот на жените на пазарот на трудот, привлекување на надарени луѓе однадвор, да продолжиме да работиме на интегрирање на малцинствата. Да ги охрабриме старите луѓе да останат активни, и после пензионирањето, во своите заедници, во економијата и во јавниот живот. Инклузивните општества се далеку поотпорни на демографските промени, со многу поголема веројатност да напредуваат, без оглед на бројната состојба на населението, посочи вицепремиерот, нагласувајќи дека решението е и во завршување на интегрирањето кон Европската Унија и економски раст и во јасна визија.

Битиќи укажа дека следен тест дали вистински сме подготвени да исчекориме напред и вистински да работиме за иднината е токму усвоујувањето на Националната развојна стратегија во која се вклучени проекциите на населението, којашто е веќе скоро изготвена и за кратко треба да биде изгласана во Собранието.

Потсети дека голем број земји, вклучително и нашата бележат пад и стареење на населението и затоа, како што нагалси, имаме избор, да се плашиме да погледнеме во реалноста, како што тоа се правело години, децении наназад, или пак да креираме нов стандард за како се соочуваме со предизвици, а тоа е со реално согледување и заедничко креирање решенија и носење храбри одлуки.

-Тоа ќе ни даде шанса за заедно да создадеме држава во која луѓето ќе сакаат да живеат. Во која ќе сакаат да креираат и создаваат семејства, дополнително да креираме услови да имаат онолку деца колку што посакуваат. Условите за посакуван фертилитет треба да се наша клучна водилка во овој процес, водејќи сметка за репродуктивните права на жените од една страна а јакнење на семејните политики и борба против стереотипите за родовите улоги во семејството и општеството, од друга страна, рече Битиќи. 

Тој наведе и дека секоја Влада, мора да биде способна да ја проектира и предвиди својата демографска иднина, за да може да антиципира, планира и соодветно одговори. Ова, оцени, е белег на „демографска отпорност“ но и одраз на државничка одговорност.

Сите седум проекции за населението во Република Северна Македонија до 2070 година на ДЗС упатуваат на намалување на вкупното население во земјава.Набљудувано по проекциски варијанти населението на земјата, од појдовните 1.832.000 во 2022 година, до крајот на проекцискиот период би се движело во интервал од 501.200 (константна варијанта), до 1.485.700 (варијанта без миграции). Доколу ништо не се промени и останат параметрите од 2022 година вкупното население до 2070 ќе се намали на 1.3 милиони жители. лв/аа/

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан