• петок, 26 јули 2024

Билатерални средби на Мицкоски во Велика Британија: Главен приоритет на Владата се добрососедските односи

Билатерални средби на Мицкоски во Велика Британија: Главен приоритет на Владата се добрососедските односи

Скопје, 19 јули 2024  (МИА) - На Самитот на Европската политичка заедница кој се одржува во Обединетото Кралство, премиерот Христијан Мицкоски имал повеќе билатерални средби, меѓу кои и со новиот министер за надворешни работи на Велика Британија.

Како што вели во видеоизјава, се сретнал со државници од регионот и соседството - со претседателите на Србија, Црна Гора и Бугарија - Александар Вучиќ, Јаков Милатовиќ и Румен Радев, и со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ. На сите овие средби, вели Мицкоски, имал можност да разговара за  предизвиците за регионот и за приоритетите на македонската Влада.

-Главен приоритет на Македонија и на новата македонската Влада претставуваат добрососедските односи и конечно наоѓање трајно и одржливо решение за проблемот којшто го имаме со нашиот источен сосед. Понатаму би ги потенцирал средбите коишто ги имав со претседателот Зеленски, но и претседателот на Европскиот совет, Мишел, каде што јасно ги презентирав и ги претставив позициите на новата македонска влада, вели Мицкоски во изјавата што ја пренесува владината прес-служба. 

Од учеството на Самитот тој го издвојува и своето обраќање на тркалезната маса на еден од панелите каде што се осврнал на  предизвиците во енергетиката, регионалното поврзување, но и она што претставува интерес на нашата земја.

-А тоа претставува практично и регионално поврзување, тоа претставува и предизвик за навремено и одржливо снабдување на сите потрошувачи на енергенси, меѓу кои би го издвоил гасот и електричната енергија. Главен интерес на Македонија како држава е да биде земја низ која ќе транзитираат главните енергенси со којашто ќе се снабдува Централна Европа, вели Мицкоски.

На крајот од видеоизјавата премиерот додава „се враќаме назад со добри впечатоци и со она кое што претставува достоинствено претставување на македонските интереси овде, во Оксфорд, Велика Британија“. хс/нд/

Фото и видео: Влада на Република Северна Македонија

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан