• понеделник, 23 декември 2024

Бектеши: Очекувам листата која произлегува од Законот за нефер трговски практики да не биде под 2.300 производи

Бектеши: Очекувам листата која произлегува од Законот за нефер трговски практики да не биде под 2.300 производи

Скопје, 15 март 2024 (МИА) - Листата на производи која произлегува од Законот за нефер трговски практики е веќе подготвена, има над 2.500 земјоделски и прехранбени производи и е доставена до стопанските комори. Очекувам во рок од една недела, а најдоцна за 10 дена да имаме фидбек со нивни предлози и сугестии и како Министерство за економија да ја усвоиме листата по што сите чинители во трговијата, почнувајќи од производителите па се до трговците на мало треба да ги усогласат нивните договори и преку тоа да придонесат за намалување на цените на производите на домашниот пазар, порача денеска ресорниот министер Крешник Бектеши.

Нагласи дека доколку во периодот на адаптација на законското решение од шест месеци има зголемување на цените како Министерство за економија ќе и предложат на Владата одредени мерки со цел да бидат ублажени цените.

-Верувам во општествената одговорност на трговците, посебно  на големите синџири на маркети зашто повеќе ги нема трошоците кои влијаеја на цените, но ако тоа се злоупотреби Министерството за економија ќе донесе соодветни мерки во корист на граѓаните. Тоа може да биде замрзнување на цени, услови кои би им ги дале на одредени трговци, а крајната мерка е затворање на одредени синџири на супермаркети преку носење на уредби и одлуки согласно кои инспекторатите и надлежните институции ќе постапуваат како што е предвидено во Законот за трговија, посочи Бектеши во одговор на новинарско прашање по денешното одбележување на Светскиот ден на потрошувачите.

Истакна дека во законското решение не се предвидува рок кога треба да стапи во сила листата на производи, тоа, како што рече, го носи Министерството за економија. 

-Мислам дека на коморите им се доволни една недела до 10 дена да ја споделат листата со нивните членови, да дадат соодветни сугестии и на наредната седница на Влада да ја усвоиме таа листа и почнат да ги прилагодуваат договорните односи што ги имаат меѓу себе трговците, рече Бектеши.

За вчерашната реакција од Организацијата на потрошувачите на Македонија дека се уште ја немаат добиено листата, Бектеши рече дека можеби немало добра комуникација и најави дека уште денеска ќе ја добијат. Очекува по добиените сугестии на сите чинители во трговијата крајната листа на производи да не биде помала од 2.300 производи.

За спречување на евентуалните злоупотреби на производителите на храна што ќе ги прават маркетите во вакуум просторот до стапување во сила на Законот за нефер практики рече дека Министерството за економија нема да преземе ништо и ги повика домашните производители да не паѓаат на „финтите“ на одредени доминантни синџири на супермаркети во нашата држава кои од производителите бараат поголем рабат од 15 до 20 отсто и склучување договори од три месеци.

-Јас не можам да одам поединечно кај секој домашен производител да му кажувам не го прифаќај овој договор или не ги прифаќај овие услови заради тоа што е мешање во нивната политика и во односите што тие ги имаат со нивните кооперанти. И претходно како Министерство за економија сме пратиле пораки да не паѓаат на вакви притисоци и затоа го носиме законското решение. Го носевме и Законот за заштита на конкуренцијата. Сега не би било во ред министер или институција на државата, која треба да го гледа интересот на производителите и на трговците и на целиот деловен круг во нашата држава, да држи страна, а воедно тие меѓусебните односи не можат да ги решат. Ако би било така, тогаш треба државата да ги национализира сите производствени капацитети и тогаш во име на тие домашни капацитети да разговараат министрите, директорите. Тие се приватни субјекти кои своите политики, ги креираат самите. Јас можам само да дадам порака за да не паѓаат на такви можни злоупотреби имајќи го во предвид вакуумот што трае шест месеци, потенцира Бектеши.

Посочи дека производителите и трговците самите ги средуваат односите и додаде дека има законска рамка врз која треба да работат и која не треба да се злоупотреби. 

-Во случај да има злоупотреби кон потрошувачите и кон граѓаните тогаш ние сме тука да ги заштитиме, истакна Бектеши.вј/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан