Бајден пристигна во Германија за разговори за Украина и Блискиот Исток
- Американскиот претседател Џо Бајден денеска пристигна во Берлин на разговори со германските лидери за поддршката на Западот кон Украина и нестабилната ситуација на Блискиот Исток.
Берлин, 18 октомври 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден денеска пристигна во Берлин на разговори со германските лидери за поддршката на Западот кон Украина и нестабилната ситуација на Блискиот Исток.
Бајден се среќава со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и канцеларот Олаф Шолц, а се очекува нивните разговори да се фокусираат на зајакнување на трансатлантските врски и одржување на воената помош за Украина.
Германија моментално е втор најголем донатор на воена помош за Украина, по САД, и има обезбедено напредно оружје, како што се борбените тенкови Леопард 2, ракети Патриот и системи за противвоздушна одбрана IRIS-T.
Посетата на Бајден доаѓа во време на зголемени сомнежи за иднината на поддршката за Украина поради претстојните американски избори и можноста Доналд Трамп да се врати во Белата куќа.
Трамп и неговата Републиканска партија помалку ја поддржуваат испораката на воена помош за Украина во борбата против руската инвазија, а некои членови на партијата повикуваат на целосно прекинување на помошта.
По разговорите со германските лидери, Бајден ќе одржи трилатерална средба со канцеларот Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кијр Стармер.
- Претседателот Бајден со нетрпение очекува да разговара со другите лидери за клучните теми, кои очигледно вклучуваат војната на Русија против Украина, ситуацијата на Блискиот Исток, пронаоѓање на одржливо дипломатско решение за конфликтот меѓу Израел и Либан и ризикот од ескалација со Иран - изјави еден од претставниците на Белата куќа пред посетата.
Прошталната посета на Бајден во Берлин, бидејќи неговиот мандат завршува во јануари следната година, првично беше планирана пред една недела, но беше одложена поради ураганот Милтон кој ја погоди американската држава Флорида. ссм/
фото: ЕПА