Балетскиот уметник и доајен на македонскиот балет Антон Баталаков е добитник на наградата МЕНАДА
- Бордот на интернационалниот фестивал Танц Фест 2026, за 22-то издание, донесе одлука наградата МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност да ја додели постхумно на балетскиот уметник и доајен на македонскиот балет Антон (Тони) Баталаков.
Скопје, 21 април 2026 (МИА) - Бордот на интернационалниот фестивал Танц Фест 2026, за 22-то издание, донесе одлука наградата МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност да ја додели постхумно на балетскиот уметник и доајен на македонскиот балет Антон (Тони) Баталаков.
Бордот на фестивалот доделува и Специјална награда МЕНАДА за поддршката на современиот танц на Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски поради досегашната одлична соработка.
Специјалната награда не се доделува секоја година, туку само кога ќе се препознаваат соодветни вредности во насока на развојот на современата танцова уметност. Годинава тоа е Општина Битола, која покажува извонредност во слухот за современата уметност и културата во целост, наведуваат од Танц Фест.
Антон (Тони) Баталаков (1945–2021) е балетски уметник, професор, педагог, репетитор, асистент кореограф, режисер и долгогодишен директор на балетот, чиј животен и творечки пат се неразделно поврзани со развојот, афирмацијата и уметничкото созревање на балетската сцена во Македонија. Роден е во Скопје, каде што по завршувањето на гимназијата „Цветан Димов“ и Балетското училиште, се вработува во Балетот при МНТ, реализирајќи се во годините што следуваат како комплетен уметник и општественик. По извонредната балетска кариера, Тони Баталаков го презема раководењето со Балетот, како негов шеф, а потоа и како негов директор и во историјата на македонската балетска куќа, тој е впишан и како нејзин најдолгогодишен директор (1979 - 1989), 10 години кои стануваат златните години на балетот. Баталаков го развива и позиционира домашното кореографско творештво, а под неговото раководство Балетот на Македонскиот народен театар настапува на бројни фестивали и гостувања во странство, меѓу кои Австрија, Грција, Франција, Канада и др. освојувајќи значајни признанија и награди и афирмирајќи го македонскиот балет на меѓународната културна сцена.“
- Со оглед на севкупната дејност на Антон (Тони) Баталаков, неговата извонредност како балетски уметник, педагог и директор кој остава неизбришлива трага во развојот но и врвните години на македонскиот балетски ансамбл, Бордот на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје, на 22-то издание, со огромно задоволство, постхумно, му ја доделува наградата „МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност - стои во одлуката на Бордот на фестивалот Танц Фест 2026.са/
Фото: Танц Фест