• среда, 22 април 2026

Објавена илустрирана книга за деца „Сон на балон“ од Александра Велинова

Објавена илустрирана книга за деца „Сон на балон“ од Александра Велинова

Скопје, 21 април 2026 (МИА) - „Сон на балон“ е најновата илустрирана книга за деца од Александра Велинова, во издание на „Едука Мак“, со која најмладите читатели низ авантура ќе учат за разни земји, култури, симболи и историјата. Автор на илустрациите во книгата е Никола Темков.

„Сон на балон“ обработува актуелна тема - иселувањето, затоа што, вели авторката, речиси и да нема дете што нема роднини, пријатели, блиски што живеат во странство.

Во книгата Алексеј се охрабрува да се качи во волшебен балон и да тргне во потрага по своите другарчиња што се преселиле во Германија, Италија, Франција, Австралија, Канада... Ќе слета на фудбалски терен, ќе се обиде да сурфа, ќе јаде пица во Италија, ќе лета над Нијагарини Водопади и ќе разговара со гулабот - неговиот туристички водич.

-„Сон за балон“ е хумористична, едукативна, емотивна и топла приказна, која зборува за пријателството и моќта на детската фантазија. Отвора важни теми за растењето, иселувањето, пријателството на далечина и чувството на припадност „Сон на балон“ е наменета за деца, но носи силна порака и за возрасните – дека домот не е само место, туку чувство кое го носиме во себе, вели Велинова.

Во рецензијата за книгата пофесорката Татјана Алексиќ посочува дека книгата има скриена поента, „како порака во шише коешто никогаш не потонува, како сон на балон кој никогаш не слетува“.

-,Домот е таму каде што ти е срцето”. Да ја вдомиме приказната во срцата на нашите сакани дечиња! Читлив, разбирлив и есенцијален расказ, налик на детски патопис и културолошки живопис со адекватна содржина и етичка порака, наведува Алексиќ.  

„Сон на балон“  ќе биде промовирана в петок, 24 април, од 18 часот во Промотивниот центар на Саемот на книга.  Промотори ќе бидат универзитетската професорка Кристина Николовска и учениците од основното училиште „Љубен Лапе“ од Аеродром, под менторство на наставничката Маја Младеновска. хс/дма/

Фото: архива на авторката Александра Велинова 

Остани поврзан