• среда, 22 април 2026

Во Битола ново издание и нова сцена на Интернационален фестивал на монодрама

Во Битола ново издание и нова сцена на Интернационален фестивал на монодрама

Битола, 21 април 2026 (МИА) - Под мотото „Огледало на вистината“ од 23 до 29 април во Битола ќе се одржи 27. издание на Интернационален фестивал на монодрама на кој годинава ќе се натпреваруваат 13 актерки и актери од Европа и Египет.

На прес конференција во Битола, директорот на НУ Центар за култура, Сашо Илковски, изјави дека фестивалот нуди специјално селектирани монодрами и фестивалски денови исполнети со богата официјална и дополнителна програма.

-Оваа година ќе промовираме нова фестивалска сцена која ја нарековме бар-сцена бидејќи е позиционирана во салата на поранешната кафеана во битлскиот Центар за култура која ја оспособивме во експериментална сцена и за четири монодрами. Нашето мото е „Огледало на вистината“ и со ова мото сакаме да ја истакнеме самата суштина на монодрамата која ја претставува како простор каде се огледуваат и согледуваат различни лични и општествени вистини. Со ова мото веруваме дека уметноста ќе даде придонес во одговарање на отворените прашања за тоа што е вистината и ќе развие дијалог, истакна Илковски и додаде дека идејното решение за информативниот материјал е на Маријана Масети, академска сликарка која го донира нејзиното дело за фестивалските публикации.

Свеченото отворање е доверено на актерката Тијана Дапчевиќ која ќе ја изведе монодрамата „Менопауза“, а на свеченото затворање ќе настапат актерките Ања Митиќ и Билјана Драгиќевиќ Пројковска од Драмски театар Скопје, кои ќе ја одиграат претставата „Гидионовиот јазол“. 

 -Големиот интерес за учество на фестивалот говори за традицијата што ја одржува овој фестивал, за желбата на многу уметници од светот да допатуваат во Битола. Искрено, бевме изненадени од бројот на пријавените, дури 60 монодрами, а од нив 10 се од странство и три македонски монодрами, посочи Благој Мицевски, селектор на фестивалот.

Дополнителната програма на фестивалот ќе почне со атрактивна ретроспективна изложба „Лауреати на фестивалот“ на која ќе бидат промовирани ретки портрети на сите досегашни добитници на наградата Гран при како највиско признание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола.мт/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан