• сабота, 23 ноември 2024

Атина под драконски безбедносни мерки за финалето на Конференциската лига меѓу Олимпијакос и Фиорентина

Атина под драконски безбедносни мерки за финалето на Конференциската лига меѓу Олимпијакос и Фиорентина

Атина, 29 мај 2024 (МИА) – Под драконски безбедносни мерки, според портпаролката на грчката полиција на ниво на Олимписки игри, со ангажирани над 5.000 полицајци, дронови и хеликоптери, затворени улици околу стадионот „АЕК Арена“, неколку контролни зони за навивачите и специјален план на полицијата, денеска е Атина во пресрет на финалето на Конференциската лига меѓу Олимпијакос и Фиорентина, јави дописничката на МИА од Атина.

Натпреварот ќе се одигра на стадионот на АЕК „Опап арена“, сега преименуван во „АЕК Арена“ во атинската населба Неа Филаделфија, на кој ќе присуствуваат нешто повеќе од 27.000 гледачи.

Стадионот од неделата е затворен, откако беа направени и последните безбедносни проверки, а од грчката полиција вчера, на прес-конференција ги соопштија безбедносните мерки коментирајќи дека странува збор за „празник на спортот“ и Грција мора да се погрижи се да помине во најдобар ред „бидејќи сликите од Атина ќе се емитуваат ширум светот“.

Портпаролката на полиција Константина Димоглиду, говорејќи за државната телевизија ЕРТ утрово истакна дека Грција изготвила посебен оперативен план,

- Безбедносните мерки се на многу високо ниво. Би рекла дека се на ниво на Олимписки игри, рече Димоглиду.

За денешниот натпревар постојат три вида на билети, црвени, сини и бели, првите се за навивачите на Олимпијакос вторите за оние на Фиорентина, а неутралните гледачи имаат бели билети.

Согласно мерките на полицијата предвидени се две различни места за собирање на навивачите на двата тима т.н. Fan Meeting Points, а движење на навивачите ќе биде контролирано, со полициска придружба и со линија од метрото и автобуси кои ќе сообраќаат само за натпреварот и за оние кои имаат билети.

Навивачите на Олимпијакос планирано е да се соберат на специјално одреден простор во близина на спортската сала во Пиреас, од каде организирано ќе се упатат накај стадионот, додека пак збирното место за навивачите на Фиорентина е во друг дел од Атина, на Олимпискиот стадион и под строги безбедносни мерки ќе бидат транспортирани до стадионот со автобуси.

Оние со бел билет, неповрзани со двата тима, ќе можат да ја користат специјалната метро линија.

Сторги ќе бидат мерките и вон и во стадионот, а на сите гледачи со обезбеден билет при влезот ќе им се вршат неколку проверки.

Паралелно, ќе бидат затворени и улиците во околината на стадионот, додека пак жителите на конкретната населба, добија специјални акредитации за движење.

Навивачите на Олимпијакос, кои не обезбедија билет за финалето, натпреварот ќе можат да го следат на големи видеобинови поставени на три различни локации во Пиреас, предградието на „црвено-белите“, каде што, доколку тимот ја победи Фиорентина и ја освои Конференциската лига, ќе се одржи и прославата.

Токму учеството на Олимпијакос во финалето предизвика особено голем интерес во Грција, а градот, веќе пулсира во ритамот на утрешното финале.

Како што вчера објави МИА, на плоштадот „Коѕиа“ пред општинската зграда во центарот на Атина започна „UEFA Europa Conference League Fan Festival“ за фудбалските фанови со поставени фудбалски терен, разни фудбалски игри за најмладите, но и постарите, а она што е најинтересно за сите – пехарот што ќе го добие победникот.

Навивачите на двата тима, но и неутралните љубители на фудбалот, имаат можност да се сликаат со пехарот, до кој се поставени и официјалните дресови на Олимпијакос и Фиорентина.

Фото: МИА

Остани поврзан