• понеделник, 23 декември 2024

АСО: Лани животот го осигурале над 260.000 граѓани, вложиле над две милијарди денари

АСО: Лани животот го осигурале над 260.000 граѓани, вложиле над две милијарди денари
Скопје, 5 мај 2022 (МИА) - Вкупните вложувања на граѓаните во животно осигурување минатата година надминаа две милијарди денари или 32,5 милиони евра. Ова е рекордно односно највисоко годишно ниво на вложувања во животно осигурување од востановувањето на пазар за животно осигурување во 2005 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Како што информираат од АСО, повеќе од 260.000 граѓани имаат полиси за животно осигурување на крајот на 2021 година. Бројот на нови осигуреници лани е зголемен за 127.000 лица односно 95 отсто во споредба со бројот на лица кои имале животно осигурување во 2020 година. -Вложувањата во животно осигурување лани се зголемени за 261 милиони денари или 4,2 милиони евра во однос 2020 година. Од вкупните вложувања во животно осигурување лани над 1,6 милијарди денари односно 26 милиони евра се инвестирани во класично осигурување живот кое опфаќа: ризико осигурување и осигурување со штедна компонента, соопшти АСО. Од АСО прецизираат дека кај ризико осигурувањето се осигурува животот на осигуреникот и во случај на смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Кај овој вид осигурување доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија. Речиси 200.000 граѓани имаат ризико осигурување на крај на 2021 година. Најмногу, додаваат, се инвестира во осигурувањето со штедна компонента. Овој продукт овозможува на осигуреникот по истек на договорот за осигурување своето вложување да го добие како заштеда со камата. Повеќе од 50.000 осигуреници имаат вакво осигурување на живот и во овој продукт годинава се вложени 1,27 милијарди денари или над 20 милиони евра. -Вложувањата во животното осигурување во кое ризикот од инвестирањето е на товар на осигуреникот (популарно наречениот јунит линкд продукт) лани достигнале 383,2 милиони денари односно над шест милиони евра. Тоа е за 27 отсто  повеќе од 2020 година. Кај оваа класа парите се вложуваат во инвестициски фондови чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. Токму заради ризикот што го носат овие висококвалитетни инвестиции бројот на раскинати договори е повисок во однос на бројот на прекинати осигурување со штедна компонента, велат од АСО. Нагласуваат дека петте компании за осигурување живот во 2021 година исплатиле вкупно 595 милиони денари или 9,7 милиони евра на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или по основ на ризик смрт.вј/са/    

Остани поврзан