• понеделник, 23 декември 2024

Арсоски на конференција за зајакнување на помошната улога на Црвениот крст кон властите во кризниот менаџмент

Арсоски на конференција за зајакнување на помошната улога на Црвениот крст кон властите во кризниот менаџмент

Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, генерал д-р Павле Арсоски, присуствувал на конференција на тема „Зајакнување на помошната улога на Црвениот крст кон властите во кризниот менаџмент“, во организација на Црвен Крст на Република Северна Македонија, а под покровителство на Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, соопшти собраниската прес-служба.

На конференцијата биле споделени искуства на полето на кризниот менаџмет и иницијативи за подобрување на ефикасноста на институциите за одговор при итни состојба. Исто така, била претставена Студијата на случај „Хуманитарен одговор 2023“ со препораки и насоки за организирање на симулациска вежба која Црвен крст ја организираше во соработка со сите институции.

Пратеникот Арсоски имал свое обраќање на кое истакнал дека од самиот почеток во 1945 година па до денес, Црвениот Крст расте и се развива напоредно со развојот на модерната македонска држава - како своевиден современик на настаните од нашата понова историја. Посочил дека низ годиниве оваа организација одново и одново се докажува како доверлив и сигурен партнер на граѓаните, особено на загрозените и ранливи категории - како дополна на јавните хуманитарни услуги во време на мир и на државните институции во време на вонредни состојби и кризи, стои во соопштението.

Посочил дека во делот на социјалната сигурност и заштита на граѓаните, особено на ранливите категории на граѓани, земјава гради одговорни политики и инвестира во рамки на можностите, кои треба постојано да се унапредуваат.

-Во делот на кризниот менаџмент и покрај донесената законска и подзаконска регулатива, спроведените реформи и разработени процедури и правила, системот пројавува бројни слабости во секоја нова вонредна состојба и криза. Како државна власт мора да преземеме одлучни и правилни чекори на доведување на системот до состојба на целосна оперативност и ефикасност во служба на граѓаните, истакнал Арсоски.

На настанот свое учество зеле пратеници, истакнати професори, експерти од облста на кризниот менаџмент, поддржувачи и волонтери на Црвениот крст.

Свое обраќање имале генералениот секретар на Црвен крст, д-р Саит Саити, потпретседателот на Владата и министер за политички систем Љупчо Димовски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, генерал д-р Павле Арсоски. нд/ац/

Фото: Собрание

Остани поврзан