Во МНД-Битола промовиран „Човек глагол (Хомо вербум)“, роман од Елизабета Јончиќ
- Романот е богат и со метафори, психолошки монолози, поетски изрази и философски дијалози што отсликуваат длабоки значења и кодови скриени на прв поглед. Главните ликови се соочуваат со современите вредности, но и со потребата да се вратат на своите корени, истакна писателката Јончиќ.

Битола, 12 март 2025 (МИА) - Македонско научно друштво (МНД)-Битола го промовира првиот роман „Човек глагол (Хомо вербум)“ чиј автор е писателката Елизабета Јончиќ.
Романот е богат и со метафори, психолошки монолози, поетски изрази и философски дијалози што отсликуваат длабоки значења и кодови скриени на прв поглед. Главните ликови се соочуваат со современите вредности, но и со потребата да се вратат на своите корени, истакна писателката Јончиќ.
Според универзитетскиот професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска, воедно претседателка на МНД-Битола, станува збор за загадочен и мистериозен роман кој истовремено е и социолошки, философски, теолошки, љубовен, историски, лингвистички, натуралистички, патриотски, древен, духовен, поетски.. Освен Андоновска-Трајковска, на промотивниот настан осврт за романот имаа и Гордана Јовиќ-Стојковска и Милица Димитријовска-Радевска.
Романот е издание на „Словољубве Буквибукс“, дизајнот на корицата е од Весна Мундишевска-Велјановска и е поддржан од Министерството за култура и туризам во рамки на конкурсот од годишната програма од национален интерес.
Елизабета Јончиќ пишува поeзија, проза, книжевна критика и драмски пиеси за деца и возрасни. Има објавено повеќе стручни трудови од областа на книжевната критика. Таа е членка на Друштвото на писателите на Македонија и Македонско научно друштво – Битола.мт/са/
Фото: МНД-Битола