• понеделник, 23 декември 2024

Анкета на ЈуГов: Повеќето Германци се за построги контроли на границата

Анкета на ЈуГов: Повеќето Германци се за построги контроли на границата

Берлин, 13 септември 2024 (МИА) - Мнозинството Германци поддржуваат воведување построги правила на границите на земјата, јави ДПА, повикувајќи се на социолошко истражување на институтот „ЈуГов“.

Седумдесет и еден процент од испитаниците се за директно одбивање на границата за влез во земјава на странци на кои им е потребна виза кои не поднеле барање за азил, како и на лица со забрана за влез во државата.

Истражувањето покажа дека 45 отсто од анкетираните силно ги поддржуваат граничните контроли и можното затворање како начини за контрола на миграцијата, а 28 отсто начелно ја изразиле својата согласност, додека 20 отсто не се согласуваат со овие мерки.

Осумдесет и два отсто од оние кои учествуваа во истражувањето го поддржаа воведувањето на повеќе депортации на лица без право на легален престој во Германија. Во исто време, 11 отсто се против зголемување на депортациите, а 7 отсто не се изјасниле категорично.

Поддршката за зголемување на депортациите на нерезиденти е значително поголема кај луѓето на возраст над 60 години, а 95 проценти ја поддржуваат идејата. Во возрасната група од 18 до 39 години „за“ се 68 отсто, покажува анкетата.

Социолошкото истражување е спроведено во периодот од 6 до 10 септември и во него учествувале 2.126 полнолетни германски државјани.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер во понеделникот нареди воведување привремени гранични контроли на сите копнени граници за да се ограничи бројот на нелегални влегувања. Дополнителните контроли се очекува да започнат во понеделник и првично ќе бидат за период од шест месеци. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан