• петок, 26 јули 2024

Ангелов: Во гаснењето на пожарите ќе се вклучат и два романски авиони

Ангелов: Во гаснењето на пожарите ќе се вклучат и два романски авиони

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) - Кон пожарот на планината Серта, во неготинскиот дел, кај село Калањево испраќаме четири хеликоптери, од кои два наши армиски хеликоптери, еден полициски, а нив ќе им се придружи и еден црногорски хеликоптер. На територија на општина Гевгелија, над село Негорци испраќаме два словенечки хеликоптери, на територија на општина Ново Село, на планината Огражден, на самата бугарска граница испраќаме еден голем турски хеликоптер, како и еден голем српски хеликоптер, кој носи пет тона вода, изјави утрово директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. 

Во видео изјава Ангелов информира дека утрово имал брифинг со пилотите на хеликоптерите кои полетуваат за да ги изгаснат пожарите ширум земјава.

Нешто подоцна, како што рече, ќе полетаат и сите „ер трактори“, три на Дирекцијата за заштита и спасување – ДЗС и два турски „ер трактори“, заедно со хрватскиот канадер кон планината Серта, на територија на општина Штип, зад селото Драгоево. 

- Ќе се обидеме денеска да воспоставиме контрола врз големиот пожар, кој повеќе денови гори на планината Серта. На сите места каде ќе дејствуваат воздухопловите на земја имаме противпожарни единици на кои во овој момент им се приклучуваат 100 војници од Армијата, како и 30-тина припадници на полицијата. Во 8:30 часот на аеродромот Петровец ќе слета авионот од Романија „Херкулец“, кој носи т.н. водни бомби од повеќе од пет тона. Заедно со него ќе слета уште еден авион, кој му служи како логостика, рече Ангелов.

Тој нагласи дека на територија на државава имаме уште неколку, како што рече, сериозни и опасни пожари  кои најверојатно ќе бараат воздушна поддршка. Тоа се пожарите на територија на општините Чашка, Долнени, Студеничани, Зелениково, пожар има и под врвот на Солунска глава, како и пожарот до Радовиш, за кој изрази надеж дека денеска ќе биде ставен под контрола. 

Од ЦУК информираат дека во последното деноноќие имало вкупно 36 пожари на отворено, од кои утрово активни се 18. мд/дма/

 

Фото: ЦУК

 

Остани поврзан