Аналитичари: Русија напредува во Украина со најбрзо темпо од почетокот на војната
- Руските сили напредуваат во Украина со своето најбрзо темпо од првите денови на инвазијата, заземајќи минатиот месец површина колку и половина од поширокиот дел на Лондон, велат аналитичари.
Вашингтон, 26 ноември 2024 (МИА) - Руските сили напредуваат во Украина со своето најбрзо темпо од првите денови на инвазијата, заземајќи минатиот месец површина колку и половина од поширокиот дел на Лондон, велат аналитичари.
Војната влегува во она што некои руски и западни официјални лица велат дека може да биде најопасно, откако руските сили постигнаа некои од нивните најголеми територијални придобивки и САД му дозволија на Киев да возврати со американски ракети.
„Руските сили напредуваат со значително побрзо темпо во последно време отколку во цела 2023 година“, велат во извештајот аналитичарите на Институтот за проучување на војната со седиште во Вашингтон.
Главниот штаб на украинските вооружени сили објави во својот извештај од понеделникот дека таа вечер се воделе 45 битки со различен интензитет долж Кураховскиот дел од фронтот.
„Русија постави нови неделни и месечни рекорди во големината на окупираната територија во Украина“, објави независната руска новинска агенција Аргенство.
Руската армија минатата недела окупираше речиси 235 квадратни километри во Украина, што е неделен рекорд за 2024 година, се вели во извештајот.
Руските сили зазедоа 600 квадратни километри во ноември, се додава, цитирајќи податоци од DeepState, група тесно поврзана со украинската војска која ги проучува борбените снимки и обезбедува мапи на бојното поле.
Русија започна побрзо напредување во источна Украина во јули, токму кога украинските сили зазедоа дел од нејзиниот западен регион Курск. Оттогаш, рускиот напредок е забрзан, според достапните мапи.
Руските сили се движат во градот Курахове, отскочна штица до логистичкиот центар Покровск во Доњецк, и ја искористуваат ранливоста на трупите на Киев долж линијата на фронтот, велат аналитичарите.
Во извештајот на Институтот за проучување на војната и проруски воени блогери се вели дека руските трупи се во Курахово. Во понеделникот, DeepState на својата апликација за пораки Телеграм објави дека руските сили се во близина.
„Напредокот на руските сили во југоисточна Украина во голема мера е резултат на откривање и тактичко искористување на ранливостите на украинските линии“, велат аналитичарите на Институтот во нивниот извештај.
Русија вели дека ќе ги постигне сите свои цели во Украина без оглед на тоа што вели или прави Западот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека верува оти главните цели на рускиот претседател Владимир Путин се да го окупира целиот Донбас, кој ги опфаќа регионите Доњецк и Луганск, и да ги протера украинските војници од регионот Курск, чии делови ги контролираат од август. зш/
фото ЕПА