• петок, 26 јули 2024

Американска стопанска комора: Косовската Влада ги дискриминира приватните компании

Американска стопанска комора: Косовската Влада ги дискриминира приватните компании

Приштина, 25 јули 2024 (МИА) – Американската стопанска комора во Косово (АЦЦК) вели дека косовската влада продолжува да ги дискриминира приватните претпријатија во корист на јавните, наведувајќи дека ваквото фаворизирање ги нарушува принципите на слободна конкуренција и пазарна економија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Комората, загрижувачки е тоа што Владата директно ги промовирала услугите и производите на државниот оператор на мобилна телефонија, „во директна спротивност со одредбите од законот со кој се регулира функционирањето на јавните претпријатија“.

Во соопштението на АЦЦК се наведува дека директното и индиректното фаворизирање наспроти приватните оператори претставува кршење на Уставот.

– Американската комора ги следеше постапките на највисоките претставници на Владата, вклучително и премиерот (Албин Курти), кои јасно ги промовираа производите на ова јавно претпријатие пред граѓаните на Косово и пред припадниците на дијаспората, што е во директна спротивност со одредбите од законот со кој се уредува работењето на јавните претпријатија. Директното и индиректно фаворизирање на ова јавно претпријатие наспроти приватниот оператор, односно странскиот инвеститор, на еден регулиран пазар, претставува повреда не само на одредбите од споменатиот закон, туку и на највисокиот правен акт - Уставот на Република Косово, кој предвидува дека основата на економската регулација на Република Косово е пазарната економија со слободна конкуренција, се наведува во соопштението.

АЦЦК ја повикува Владата да престане со практиката на фаворизирање јавни претпријатија и дискриминација на приватните претпријатија и странските инвеститори. иа/

Остани поврзан