• среда, 27 ноември 2024

Алонсо: Сакаме да останеме непоразени

Алонсо: Сакаме да останеме непоразени

Леверкузен, 17 мај 2024 (МИА) - Баер Леверкузен веќе ја обезбеди титулата во Бундеслигата, но има уште една цел на последниот првенствен натпревар во сабота. „Аспирините“ сакаат да станат првиот тим во елитата што ја завршил сезоната без пораз.

„Утре би можело да биде историско. Сакаме да останеме непоразени и да бидеме првиот тим што ќе помине цела сезона без пораз во Бундеслигата. Во сабота чувството ќе биде како првото од трите финалиња“, изјави тренерот на Леверкузен, Чаби Алонсо на прес-конференција.

Баер сезонава нема пораз во 50 последователни натпревари во сите натпреварувања. Ремито на домашен терен со Аугсбург во сабота е доволно за да се забележи невиден рекорд во Бундеслигата.

По натпреварот „аспирините“ ќе ја добијат шампионската титула на Германија, која е прва во клупската историја.

-Ова е многу важен и посебен натпревар за нас. Имаме уште 90 минути да играме пред да го освоиме овој трофеј. Се разбира, со нетрпение очекуваме да славиме по натпреварот со нашите навивачи, рече Алонсо.

Тимот од Леверкузен ќе мора умерено да слави бидејќи следната недела може да испише уште повеќе историја доколку победи во финалето на Лига Европа против Аталанта на 22 мај, како и во финалето од Купот на Германија против Кајзерслаутерн три дена подоцна.

-Разговаравме само за Аугсбург, додаде шпанскиот стручњак.

Утре се очекува да игра повредениот Флоријан Вирц, кој оваа недела беше вклучен во прелиминарниот состав на Германија за ЕП 2024. дс

Фото: Архива

Остани поврзан