• вторник, 24 декември 2024

Активни 7.131 случај на КОВИД-19, со две дози вакцинирани 46 отсто од граѓаните над 18 години

Активни 7.131 случај на КОВИД-19, со две дози вакцинирани 46 отсто од граѓаните над 18 години
Скопје, 4 ноември 2021 (МИА) – Во изминатото деноноќие се регистрирани 568 нови случаи на КОВИД-19, со што бројката на активни случаи во земјава достигна 7.131. Истовремено, опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години, информираат од Министерството за здравство. Досега во земјата се направени вкупно 1.393.963 тестирања на Ковид-19, од кои во изминатите 24 часа 3.594 тестирања. Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје - 3467, Куманово - 442, Велес- 337, Прилеп - 327 и Битола - 311.Во последните 24 часа оздравени се 293 пациенти и регистрирани се 12 починати лица, информираат од Министерството за здравство. Ревакцинирани 46 отсто од полнолетните граѓани, 36.424 примиле трета доза Во изминатите два дена аплицирани се вкупно 9.009 дози вакцини, од кои 1.873 се аплицирани како прва доза, 1.580 се ревакцинирани, а 5.536 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со завчера вкупно се вакцинирани 806.781 граѓани, ревакцинирани се 777.655, а трета доза примиле 36.424 граѓани, соопшти Министерството за здравство. Педесет и четири отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст, како што се посочува, се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството. Грција в петок почнува со вакцинирање со трета доза Во петок, во Грција се отвора платформата за вакцинација со трета доза на целото полнолетно население, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Парламентот ги повика и охрабри вакцинираните, доколку поминале шест месеци од втората, да примат и трета доза. -Секако, многу е полесно да ги убедиме некои од нашите сограѓани кои веќе се вакцинирани да примат и бустер дозата, отколку да ги убедиме оние кои, за жал, сè уште вакцината ја гледаат со голем скептицизам, резервираност или во многу случаи дури и со апсолутно одбивање, рече грчкиот премиер, коментирајќи ги мерките што вчера беа соопштени, а се однесуваат на невакцинираните, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис, исто така, нагасли дека од моментот кога на располагање ја има вакцината, економијата и општеството нема повторно да се затворат, а вакцинираните сограѓани нема да ги загубат правата што ги стекнаа, следејќи ги упатствата на научниците и државата. СЗО: Европа е единствениот регион во светот каде што расте бројот на заразени од коронавирус Во неделниот извештај за пандемијата, здравствената агенција на Обединетите нации наведува дека бројот на нови случаи се зголемил за шест проценти во Европа, во споредба со „скокот“ од 18 проценти регистриран минатата недела, додека „неделните нови инфекции во другите региони паднаа или останаа приближно исти“. Стапката на инфекција со коронавирус беше највисока во Европа, која пријави 192 нови случаи на 100.000 луѓе, а потоа следат Северна и Јужна Америка, кои имаат 72 нови случаи на 100.000 луѓе. Додека Чешката Република, Полска и другите земји во Централна и Источна Европа го пријавија најновиот скок на инфекција, континуираниот пораст на потврдени случаи низ Европа во голема мера се должи на порастот на инфекции во Велика Британија, Русија, Турција и Романија. Германскиот министер за здравство Јенс Шпан денеска  предупреди на опасноста од големи последици од четвртиот бран на пандемијата на коронавирус, велејќи дека е далеку од завршена и дека треба да се преземат неопходните мерки. „Ако не преземеме соодветни мерки сега, четвртиот бран ќе предизвика многу проблеми. Пандемијата е се само не завршена“, рече Шпан на заедничката прес-конференција со Лотар Вилер, директор на Државниот епидемиолошки институт „Роберт Кох“. Тој побара строго почитување на мерките во борбата против пандемијата, како што е ограничување на влезот во ресторани или јавни институции за невакцинираните и носење заштитни маски, како и построго прибегнување кон казнени мерки. аа/ац/

Остани поврзан