Активни два големи пожари во близина на Атина, евакуирани жители на населени места (ДПЛ)
- На две различни локации во источниот и северниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, попладнево се активни два големи пожари во кои интервенираат противпожарни сили од копно и воздух, а од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до жителите на околните населени места да се евакуираат, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 30 јуни 2024 (МИА) – На две различни локации во источниот и северниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, попладнево се активни два големи пожари во кои интервенираат противпожарни сили од копно и воздух, а од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до жителите на околните населени места да се евакуираат, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис на вонредниот брифинг попладнево рече дека денешниот ден е најтешкиот ден со кој се соочуваат противпожарните сили во овогодишната сезона на пожари, додека, пак, за пожарите во Атика посочи дека се „исклучително опасни“.
Едниот пожар е во областа Кератеа, каде што се активни четири различни жаришта, а огнените јазици се во делови што не се густо населени, меѓутоа пожарот зафати неколку куќи, додека, пак, со помош на полицијата околу 50 граѓани беа пренесени на безбедни локации.
Според Ватракојанис од воздух интервенираат 13 хеликоптери и десет авиони.
Паралелно со овој, избувна и друг пожар во Стамата што се наоѓа северниот дел на областа Атика, каде што од бројот 112 за итни случаи беа испратени пет пораки за евакуација на населението.
Во справувањето со огнените јазици, како што информираше Ватракојанис, освен големиот број копнени сили учествуваат и шест хеликоптери и осум авиони.
- Во гаснењето на пожарите во Кератеа и Стамата во областа Атика помагаат голем број волонтери и возила на волонтери, како и цистерни за вода и механизација што ги ставија на располагање периферијата Атика и Генералштабот на националната одбрана. Во подрачјата на пожарите се распоредени сили на грчката полиција за олеснување на евакуацијата на жителите, но и за сообраќајните режими, информираше портпаролот на противпожарната служба на Грција.
И во двата пожари силниот ветер што, според портпаролот, достигнува до 60-70 километри на час, дополнително го отежнува гаснењето. ср/паг/